Одбраната денеска во судница нагласи дека не станува збор за дело од омраза, односно дека нападнатиот Пендиков не е Бугарин и нема бугарско државјанство, туку се работи за македонски државјанин

Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, и денеска не дојде во охридскиот суд на рочиште за случајот за неговото претепување на 19 јануари во кафе-бар на кејот на Охридското Езеро. Причината е иста како и минатото рочиште на 28 февруари – не можел да дојде поради здравствени причини.
На рочиштето обвинителството ги даде воведните зборови, односно го презентира обвинителниот акт, по што обвинетиот Илија Спасевски рече дека не се чувствува виновен.
Неговиот адвокат, Димитрија Цобоски, пак, во судница посочи дека одбраната не спори оти Пендиков критичната вечер бил повреден, но оти во доказната постапка ќе успее го убеди судот дека нема докази за зборови од омраза, како што сака тоа да го наметне обвинителството.
Во насока на тоа дека не станува збор за дело од омраза, адвокатот потенцираше и дека нападнатиот Пендиков не е Бугарин, односно дека нема бугарско државјанство, туку дека се работи за македонски државјанин.
Судијата Бојан Мартиноски, кој го води процесот, со оглед дека Пендиков не се појави, одлучи судењето да продолжи со изведување на материјалните докази. Па, така, од страна на обвинителството во судница беше пуштена и снимка од инцидентот критичната вечер.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: