Адресата на Пендиков во Софија, адвокатот вели дека ќе ја достави до судот кога неговиот клиент ќе му ја каже. Во текот на судскиот процес тој ќе побара исплата на пари како отштетно побарување
Адвокатот Стефан Камишевски, кој го застапува Христијан Пендиков како жртва и оштетен во судскиот процес против еден од неговите напаѓачи, вели дека неговиот клиент на судско рочиште во Основниот суд во Охрид ќе се појави да сведочи штом ќе заврши со лекувањето.
На констатација од новинарите како вели дека Пендиков не може да зборува кога во Бугарија имаше неколкучасовно интервју за бугарска телевизија, адвокатот одговори:
„Не сум го гледал“.
Тој до судот не ја достави ниту адресата на Пендиков во Софија и рече дека ќе ја достави кога неговиот клиент ќе му ја каже.
Во текот на судската постапка, како што најави Камишевски, ќе побараат отштетно побарување во парични средства.
Обвинет за претепувањето на Пендиков е Илија Спасески. На денешното прво рочиште неговата одбрана побара одложување за да им бидат доставени доказите прибавени од Обвинителството.
Спасески е обвинет за кривичното дело напад од омраза со тешки последици.
Следното судско рочиште судијата Бојан Мартиноски го закажа за 5 април.