Иако тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции, вели македонскиот претседател
Посетата на еден германски претседател е секогаш важен настан, дури и кога се во прашање најголемите држави во светот, а не, пак, кога доаѓаат во една мала европска земја како нашата, вели за Дојче веле претседателот Стево Пендаровски, кој денеска и утре е домаќин на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер.
Претседателот на Сојузна Република Германија точно напладне ќе биде пречекан на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите од двете земји и заедничка прес-конференција.
Германскиот претседател денеска ќе се обрати и Собранието, а потоа со Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Попладнето Штајнмаер ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Претседателот Пендаровски вели дека личниот авторитет и интегритет на актуелниот германски претседател е голема додадена вредност, затоа што, неспорно, станува збор за еден од најголемите политички авторитети во светот во последнава деценија.
„Мојата прва билатерална посета како претседател беше токму на Берлин и оттогаш имав чест во повеќе пригоди да се среќавам со господинот Штајнмајер, при што изградивме лични релации на взаемна доверба и почит. Иако тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции. Претседателот Штајнмајер е со завиден бекграунд и искуство во областа на дипломатијата и безбедноста, и истовремено е еден од најдобрите познавачи на нашиот регион. Така што, сигурно ќе има што да каже за тоа како подобро да ги контролираме тензиите кои се појавуваат одвреме-навреме и евентуално да се приближиме до оддржливи решенија за неколкуте отворени прашања кои постојат на Западниот Балкан“,
вели македонскиот претседател.
По Роман Херцог и Хорст Келер, Штајнмаер, потсетува Дојче веле, е третиот германски сојузен претседател што доаѓа во посета на С Македонија. Двете земји следната година ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (16.12.1993 година), а во целиот тој период Сојузна Република Германија има значаен придонес во стабилизирањето на македонската економија.
„Секоја објективна анализа ќе покаже дека – ако САД и Велика Британија беа клучни екстерни актери, кои во раните 1990-ти години нѝ помогнаа да ја етаблираме во меѓународни рамки младата македонска држава, Германија, без сомнение, најмногу придонесе да ја стабилизираме економијата и стандардот на живеење на граѓаните. Само неколку факти се доволни за да ја поткрепат оваа теза: Германија е наш најголем трговски партнер со години наназад, 45 отсто од нашиот извоз се пласира во Германија, а 200 компании со германски капитал вработуваат околу 15 000 македонски граѓани“,
нагласува претседателот Пендаровски.
Оттука, не е случајно што за време на дводневниот официјален престој Штајнмајер утре ќе замине во посета на две големи германски инвестиции – ветерниот парк во Богданци и компанијата „Дрекселмајер“ во Кавадарци, а ќе посети и една винарница.