Шефот на државата смета дека не е изненадување промената на позициите на Бугарија
Бугарија со декларацијата на собранието и со меморандумот до ЕУ излезе од рамката на Договорот
Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегоа надвор од рамките на Договорот, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Дојче веле, кој смета дека со тоа нашата земја немала маневарски простор за одговор бидејќи овие барања се однесуваат на прашања за кои не се преговара.
Според него, шансите да се дојде до решение до крајот на годината се минимални бидејќи станува збор за обид идентитетските прашања да се стават на преговарачка маса, а за тоа никој никаде во светот ниту преговарал ниту ќе преговара.
За Пендаровски воопшто не било изненадување промената на бугарската позиција од минатата година поради што, како што вели, одржал низа состаноци со нашиот дел од комисијата на историчари и со професори и дипломати, познавачи на билатералните односи со Софија.
„Јас излегов со изјава која содржеше општа рамка за можен компромис во однос на тогаш актуелното прашање за Гоце Делчев. Реакциите во македонската јавност беа во рамки на моите очекувања, меѓутоа ме изненадија реакциите од бугарска страна. Но, тоа не беше препознаено како обид за компромис во кој и двете страни треба да направат напор и да напуштат некои од свои комунистички историски аксиоми кои се еднодимензионални. Наместо тоа, во Софија беа уверени дека е дојдено времето кога македонската страна треба, во целост, да се усогласи со нивниот историски наратив“,
посочува Пендаровски и открива дека од бугарска страна бил одбиен и предлогот за вклучување на стручни констултанти од трета држава во комисијата составена од историчари.
„Нашата ‘изненаденост’ може да се оправда со фактот дека Декларацијата на бугарското собрание и нивниот објаснувачки меморандум до ЕУ несомнено излегоа надвор од рамките на билатералниот договор. Тука ние немавме практично никаков маневарски простор за било каков одговор, затоа што барањата на Бугарија се однесуваа на прашања за кои не се преговара“,
оценува Пендаровски.
Според шефот на државата, доколку ЕУ ја остави земјава надвор од формалните преговори подолг период, тогаш тоа може да биде негативен фактор со кој, како што вели, ќе мора да калкулираме во периодот пред нас.
Пендаровски смета дека нема потреба од лидерска средба за дефинирање на позициите на земјата, како што предлага лидерот на опозицијата, па дури и дека нема потреба и од посебна седница на парламентот, бидејќи ниту еден политички субјект во земјава не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик.
„За мене е несериозно во 2020 година сите релевантни политички партии и политичари да се собереме и свечено да потпишеме дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик!? Тезата дека Бугарите тоа го направиле и дека ние треба да го следиме нивниот пример е без основа, затоа што Бугарите имаа посебна причина преку парламентарна декларација да дојдат до политички консензус, со оглед дека барањата кои ги истакнаа во неа беа сосема нови и не беа воопшто третирани во Договорот за добрососедство“,
вели Пендаровски.
Бугарија досега не се пожали на имплементацијата на Договорот
Во однос на имплементација на Договорот за добрососедство и пријателство признава дека реално постои застој само во работата на историската комисија, иако, како што вели, и таму поради пандемијата и изборите имало оправдани причини за такво нешто.
„Други забелешки во изминатиов период не беа воопшто истакнати во билатералната комуникација, а суштински приговори на таа тема немаше ниту во заедничката меѓувладина комисија која се среќава еднаш годишно и која е надлежна за спроведување на договорот. Конкретно, за контрола на нашиот воздушен простор изразивме подготвеност, во рамките на НАТО, за учество и на бугарското воздухопловство и тоа веднаш штом станавме полноправна членка на Алијансата во март годинава“,
вели Пендаровски.
Порачува дека најголема грижа сега треба да биде како да се надмине евентуалната блокада во интеграциите, а ако таа сепак се случи, тогаш смета дека ќе треба да се засили реформската динамика.