Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање од меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце по повод Денот на Републиката 2. Август – Илинден порача дека државата не може да напредува ако не се испорача правда. Таа за него, по победата над коронавирусот, таа е од клучно значење за иднината на земјата.
„Нашата битка денеска е да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода. Нашите граѓани со право се разочарани, гледајќи како обвинителство кое беше надеж за расчистување на криминалот се распадна, со тоа што и самото стана дел од организираниот криминал. Секој злоупотребен денар, секој наместен тендер, е причина повеќе за одлуката на заминување на многу млади и на зголемување на фрустрациите од нашите луѓе во нашата земја. Единствениот начин да изградиме праведно општество е да го почитуваме правото“,
е пораката на претседателот Пендаровски.
Тој се осврна и на значаењето на празникот и остварувањето на идеалите не само на Илинденците, туку и ни нивните наследници.
„Денес, кога одбележуваме 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, се сеќаваме на сите знајни и незнајни херои, комити и партизани кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава. Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни и да ја признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас. Но, мора да се потенцира дека и ние успевавме, нашата држава реализираше членство во НАТО после долги години блокади. Овој процес претставува зацврстување на нашата државност, на нашата позиција во меѓународните институции“,
рече тој.
Претседателот Пендаровски вети дека негова заложба ќе биде постигнува помирување.
„Веднаш по мојот избор, реков дека ќе биде да работам на граѓанското помирување, кое ни е потребно од било кога. Се надевам и очекувам таа заложба да биде поддржан од Владата и од опозицијата“,
рече Пендаровски.