Шефот на државата во интервју за „360 степени“ во понеделникот рече дека размислува да испрати порака до турскиот претседател во врска со екстрадицијата на Палевски и посочи дека се работи за голем случај кој не смее да се остави да се одвива по бирократски коридори и да се дозволи процесот да трае предолго
Претседателот Стево Пендаровски вчера ја испратил пораката до кабинетот на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо – првоосомничениот за двојното убиство, кому во моментов му е одреден 40-дневен екстрадициски притвор во Турција.
Во врска со содржината на пораката, од кабинетот на Пендаровски не соопштуваат повеќе детали.
Шефот на државата во интервју за „360 степени“ во понеделникот рече дека размислува да испрати порака до Ердоган во врска со екстрадицијата на Палевски и посочи дека се работи за голем случај кој не смее да се остави да се одвива по бирократски коридори и да се дозволи процесот да трае предолго.
„Тоа е работа на министерот за правда кој тоа и го направи (испрати барање за екстрадиција, н.з.), меѓутоа случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај Боже да трае со месеци или со години“,
вели Пендаровски во интервјуто за „360 степени“ прашан дали може да биде обвинет дека се меша во независноста на судската власт во Турција.