Има неколку механизми. Еден од тие е, кој е применуван и досега, особено во време на ковид-кризата, да се побара од т.н. компензациони фондови на Европската Унија, да се обештети државата што би морала по светски цени да ги набавува енергенсите, изјави претседателот Пендаровски по средбите во Софија
Според шефот на државата, претседателката на ЕК рекла дека ако се запазат процедурите и ако апликацијата е во ред, се би можело да се заврши за неколку недели
Претседателот Стево Пендаровски, на брифинг со новинарите во Софија по завршувањето на официјалниот дел од церемонијата за старт на интеконекторот меѓу Грција и Бугарија, рече дека побарал конкретна помош од Европската Унија во надминување на енергетската криза.
На средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а потоа и на трилатералниот состанок на кој присуствуваше и бугарскиот претседател Румен Радев, Пендаровски побарал да се најде начин ЕУ да ја покрие разликата помеѓу цената на струјата што ја бара Бугарија и цената што Северна Македонија може да ја плати. Само на тој начин, рече шефот на државата, може успешно да се реализира начелниот договорот постигнат меѓу Скопје и Софија на почетокот на минатиот месец.

Според досега дадените изјави и јавно достапните информации, Северна Македонија може да плати околу 200 евра за мегаватчас, колку што може да издржи домашното стопанство, а со оглед на европските регулативи кои бараат секој вишок да се продава по берзанска цена, се смета дека цената на струјата од Бугаија се движи меѓу 350 до 400 евра за мегаватчас. Затоа, Пендаровски побарал да се направи обид да и се овозможи пристап на Северна Македонија до средства од кризните фондови на ЕУ со цел да се покрие разликата во цената.
„Има неколку механизми. Еден од тие е, кој е применуван и досега, особено во време на ковид-кризата, да се побара од т.н. компензациони фондови на Европската Унија, да се обештети државата што би морала по светски цени да ги набавува енергенсите. Значи, Европската Унија има солидарни фондови преку кои им се помага на земјите кои сѐ уште не се членки, нешто слично како со вакцините кога беше врвот на короната, а вакцинацијата беше штотуку започната“,
рече претседателот Пендаровски на прес-конференција по брифингот со новинарите.
Претседателот ја прашал Фон дер Лајен дали може компензацијата да се направи во разумен рок, доколку работните групи на Северна Македонија и Бугарија успеат да се договорат.
„Таа ми рече дека ако се запазат процедурите и ако апликацијата е во ред, а тоа ќе го направиме со помош на нивни експерти, бидејќи првпат би го правеле, тоа може да се заврши во рамки на неколку недели, а не во рамки на неколку месеци“,
рече Пендаровски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека доколку Бугарија ја прифати нашата понуда за откуп на електрична енергија по фиксна цена од 200 евра за мегаватчас, колку што може да поднесе нашето стопанство, можеме да постигнеме договор, но доколку тие инсистираат да плаќаме по цената која е на берза, нема да се согласиме и ќе продолжиме со нашите домашни капацитети.