На Самитот една од главните теми се очекува да биде новиот стратешки концепт кој би ја дефинирал Русија како директна безбедносна закана за НАТО
Државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе учествува на Самитот на НАТО во Мадрид. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, вчера присуствуваше на свечената вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција.

Шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави или влади.
Претседателот Пендаровски, денеска, во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави или влади, која ја приредува шпанскиот премиер Педро Санчез, информираат од Кабинетот на шефот на државата.

Во рамки на учеството на Самитот на НАТО, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.
„На Самитот на НАТО во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства“,
соопштуваат од Кабинетот на претседателот на државата.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, за време на Самитот, заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ќе учествуваат на панел-дискусија организиран од НАТО Одделот за јавна дипломатија – НАТО Јавен Форум, на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на денешниот ден, Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на која ќе присуствува и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поджиќ, и на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.
„На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани. На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата“,
соопштуваат од Министерството за одбрана.
Со гала вечерата организирана од шпанскиот крал Филип Шести и кралицата Летиција за дел од шефовите на државите синоќа во Мадрид започнува самитот на НАТО. Денеска ќе се одржат две работни сесии на ниво на шефови на држави или влади, а в четврток, на последниот ден од самитот, една работна седница на највисоко ниво.
Околу 10 000 припадници на безбедносните сили се распоредени низ Мадрид пред самитот на НАТО, на кој во следните два дена ќе се соберат шефовите на држави или влади на 30 земји-членки на НАТО и уште десетина лидери на земји-партнери или вкупно 5 000 учесници.
Турција, Шведска и Финска вчера во пресрет на самитот на Алијансата во Мадрид, потпишаа заеднички меморандум за процесот на приклучување на Шведска и Финска во НАТО. Заедничкиот меморандум, како што изјави финскиот претседател Нинисто, ја нагласува посветеноста на Финска, Шведска и Турција да ја дадат својата целосна поддршка против заканите за меѓусебната безбедност