Денешните одлуки донесени од страна на Парламентот и Владата значат поддршка на европската агенда на земјата, смета шефот на државата
По изгласувањето на заклучоците во Собранието и одлуката на Владата да го прифати францускиот предлог, претседателот Стево Пендаровски во реакција на социјалните мрежи порачува дека одлуките не биле ниту малку лесни, но ќе овозможат да се деблокираат европските интеграции.
Сега, порачува шефот на државата, потребно е и ЕУ да испорача без одложување.
„Денешните одлуки донесени од страна на Парламентот и Владата значат поддршка на европската агенда на земјата. Одлуките не беа ниту малку лесни да се донесат, но ќе овозможат деблокада на европските интеграции и спроведување на неопходниот скрининг процес. Сега е потребно и ЕУ да испорача, без одложување“,
вели Пендаровски.
Заклучоците за францускиот предлог беа изгласани со 68 гласа „за“. По гласањето во парламентот, Владата одржа седница на која го прифати францускиот предлог и најави дека веќе во вторник (19 јули) ќе се одржи и првата меѓувладина конференција.