Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за датумот за почеток на преговори со ЕУ и одложувањето на одлуката за октомври.
– Реално, европските институции така постапија заради ставот на германскиот Бундестаг. Она што е важно, а не сум сигурен дека до крај го убедивме нашиот народ, меѓутоа, за тоа има куп докази… одложувањето за септември, односно октомври, е само од технички причини. Можеме да ги анализираме сечии изјави, вклучително и на владејачката партија во Германија… можеби еден-двајца пратеници ќе кажат дека треба уште нешто, меѓутоа ставот на германската влада е кристално јасен, ставот на холандскиот парламент е кристално јасен, за тој документ во однос на Македонија. Ставот на Франција го знаеме, мене ми е криво што луѓето од влада тоа не го соопштуваат.. ставот на Франција за Северна Македонија е кристално јасен, односно дека тие нема да прават никакви приговори за почнување на преговори – рече Пендаровски.
Тој рече дека во секоја од земјите може да се најдат политичари кои имаат ставови против проширувањето, но дека официјалниот став на владите во сите земји е за почеток на преговори со нашата земја.
– Ви тврдам, ниту францускиот претседател, ниту француската влада имаат против почнување на преговори што е можно побрзо. Апсолутно сум сигурен во ова. Разговарав со сите битни носители на функциите во клучните европски држави и во оние што до сега беа перцепирани како можни опструктори на процесот – Франција, Германија, Холандија и Данска – рече Пендаровски.
Тој зборуваше за германскиот Бундестаг и кажа дека од сега се знаат двете есенски сесии и дневниот ред, како и дека канцеларката Меркел го уверила премиерот Заев дека ставот е тој, без ниакква дилема.