Нашиот одговор треба да соодветствува со домашните специфики. Ако сакаме одржлив напредок, прв приоритет е, подвлече претседателот, да го преобмислиме моделот за економски развој, доколку нашата амбиција не е само да опстанеме, туку и да напредуваме, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на вториот ден од Скопскиот економско финансиски форум (СЕФФ)
Во периоди на нарушување на нормалноста, отпорноста зависи од нашата адаптибилност и одлучност, затоа, најдобро е да изградиме модел на економски раст отпорен на кризи, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на вториот ден од Скопскиот економско финансиски форум (СЕФФ) што се одржува во Скопје под покровителство на Министерството за финансии.
Нашиот одговор, како што нагласи Пендаровски, треба да соодветствува со домашните специфики. Ако сакаме одржлив напредок, прв приоритет е, подвлече претседателот, да го преобмислиме моделот за економски развој, доколку нашата амбиција не е само да опстанеме, туку и да напредуваме.
„Затоа, најдобро е да изградиме модел на економски раст што ќе биде отпорен на кризи. Клучно е прашањето дали ќе има смирување и нормализација на ситуацијата или ќе треба да научиме да функционираме во неизвесност. Економските, еколошките социјалните и безбедносните кризи во изминатите 20 години со кои се соочува човештвото се зголемија. Истовремено, глобалните мегатрендови како дигитализацијата, климатските промени и растечката нееднаквост, драстично ги менуваат правилата по кои функционираат и индустријата и пазарот на трудот“,
рече шефот на државата.
Пандемијата, додаде претседателот, го скрати времето за спроведување на политиките поврзани со целите на одржлив развој.
„Имаме забавен економски раст, зголемување на инфлација, на цените и на јавниот долг, продлабочување на нееднаквоста меѓу државите и во нив. Руско-украинската криза, пак, прекина витални синџири за набавка, ги наруши пазарите за храна и предизвика енергетска криза“,
укажа претседателот.
Во овој контекст, Пендаровски информира оти идниот месец ќе биде промовирана рамката за развој „МКД 2030“ што беше усвоена како заедничка платформа за иднината на државата. Претседателот потсети дека овој стратешки документ се базира на четири развојни приоритети и тоа: забрзување на економскиот раст од најмалку пет отсто, повисока заштита на животната средина и редефинирање на енергетската политика, сеопфатена дигитализација која ќе отвори простор за инвестиции и нови работни места, како и образование и инклузивен развој.
Овие четири приоритети, како што додаде, ќе мора да се спроведуваат истовремено, а придонес во тоа мора да дадат сите општествени чинители.
На вториот ден од СЕФФ ќе се дебатира на темите „Енергија и зелена транзиција“, „Инфраструктура, поврзаност и трговија“, „Финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност“, „Нови предизвици за добро владеење“ и „Човечкиот капитал во 21 век“.