Освен со белгискиот премиер, во рамки на својата работна посета на Белгија, македонскиот претседател се сретна и со претседателката на Домот на претставниците на белгискиот парламент, Елијан Тилје. На средбата, Пендаровски ја истакнал важноста на белгиската поддршка за европската перспектива на регионот што е во интерес и на стабилноста на ЕУ
Благодарност до белгискиот премиер Александер де Кро за доследната и постојана поддршка на македонските европски интеграции и политиката на проширување на Европската Унија, како процес од стратегиско значење за регионот, изразил претседателот Стево Пендаровски за време на средбата со премиерот на Кралството Белгија.
Во овој контекст, на средбата меѓу Пендаровски и Де Кро во Брисел биле разменети мислења и ставови за претстојното претседавање на Белгија со Европската Унија во првата половина на 2024 година.
Соговорниците, како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот, разговарале за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, а во оваа насока била нагласена важноста на партнерството во НАТО во справувањето со геополитичките предизвици наметнати од војната во Украина.
„На средбата беа констатирани пријателството и партнерството меѓу двете држави, а претседателот Пендаровски го поздрави позитивниот тренд на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и оцени дека честите размени на посети на високо ниво дополнително ќе ја продлабочат политичката доверба, а ќе го поттикнат и економскиот развој“,
се додава во соопштението.
Освен со белгискиот премиер, во рамки на својата работна посета на Белгија, Пендаровски се сретна и со претседателката на Домот на претставниците на белгискиот парламент, Елијан Тилје.
„На средбата се разменија мислења и за перспективите на билатералната и на мултилатералната соработка во наредниот период, при што претседателот Пендаровски ја истакна важноста на белгиската поддршка за европската перспектива на регионот што е во интерес и на стабилноста на Европската Унија“,
информираат од прес-службата на претседателот.
На средбата Пендаровски-Тилје збор станало и за билатералните односи меѓу С Македонија и Белгија, а биле разгледани прашања во врска со искористување на потенцијалот на меѓупарламентарната соработка.