Освен за македонските аспирации за членството во ЕУ, претседателот на државата Пендаровски и шефицата на германската дипломатија Бербок на заедничката средба разговарале и за билатералните односи меѓу двете земји, за партнерството во НАТО, Обединетите нации и ОБСЕ, за состојбите во поширокиот регион, но и за уставните измени
Германија е еден од најблиските сојузници и најсилни поддржувачи на Северна Македонија на нејзиниот интегративен пат кон Европската Унија, нагласил шефот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Во оваа насока, претседателот изразил очекување оти Германија ќе продолжи со силната поддршка за земјава во процесот на пристапување во Унијата.
„Германија е еден од најблиски сојузници и најсилни поддржувачи на Северна Македонија на интегративниот пат кон ЕУ, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и регионот“,
нагласил шефот на државата на средбата со шефицата на германската дипломатија.
Освен за македонските аспирации за членството во ЕУ, Пендаровски и Бербок на заедничката средба разговарале и за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, за партнерството во НАТО, Обединетите нации и ОБСЕ, за состојбите во поширокиот регион, но и за уставните измени.
Уставните измени беа тема на разговор и на средбата која Бербок претходно денеска ја оствари и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. На средбата, Мицкоски уште еднаш нагласил оти ВМРО-ДПМНЕ нема да се впушта во овој процес, додавајќи дека актуелниот пратенички состав нема добиено мандат од граѓаните за да учествува во процесот на менување на Уставот.
Посетата на Бербок е во период кога земјава го спроведува скрининг-процесот со ЕУ и кога треба да се започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.