Шефот на државата за време на средбата со Ричард Нефју истакнал дека земјава високо ја цени помошта и поддршката од САД во нејзините напори во борбата против корупцијата и изразил очекување оти таа ќе продолжи и натаму
Северна Македонија е подготвена да ја продолжи соработката со Соединетите Американски Држави во напорите за сузбивање на корупцијата со цел унапредување на демократијата и владеењето на правото.
Ова денеска го истакнал шефот на државата Стево Пендаровски за време на средбата со Ричард Нефју – глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент.

На средбата во Кабинетот на претседателот, соговорниците размениле ставови за актуелни теми поврзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување на систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси.

Од претседателскиот кабинет информираат дека, за време на средбата, Пендаровски истакнал оти борбата против криминалот и корупцијата, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите.
Дополнително, претседателот истакнал дека земјава високо ја цени помошта и поддршката од САД во нејзините напори во борбата против корупцијата и изразил очекување оти таа ќе продолжи и натаму.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Прајс Агелер пред неколку дена изјави дека не постои само една туку повеќе видови листи за санкции, а процесот на креирање на овие листи, како што кажа, е постојан и бара време зашто на Вашингтон треба да се осигури оти на листата нема да се најде некој кој не припаѓа таму.
„Има лица кои вредат да бидат разгледани бидејќи системот во Вашингтон е законски внимателен, му треба време и истражување на наводните криминали за да се осигураме дека на листа нема да ставиме некој што таму не припаѓа. Станува збор за процес што се менува и мислам дека во наредните месеци ќе видиме едно име или две и тоа е процес што ќе продолжи. Не застанува тука“,
изјави Агелер.