Претседателот Стево Пендаровски, кој престојува во посета на Италијанската Република и Светата Столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
На средбата, како што информираа од кабинетот на претседателот, беа истакнати одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светата Столица, кои се темелат на длабоки историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.
„Претседателот Пендаровски го реафирмираше интересот за продлабочување на односите со Светата Столица во сите сфери од заеднички интерес и го истакна значењето на католичката заедница во Северна Македонија и нејзиниот придонес во нашето општество. Пендаровски посочи и на значењето што нашата држава го придава на промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи“,
соопшти кабинетот на претседателот.
На средбата, како што објави Пендаровски на Твитер, на папата му подарил и дрес на македонската фудбалска репрезентација, на која е испишано неговото име на кирилица.
@Pontifex прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој нашите најдобри фудбалери ќе играат на #EURO2021. Нека донесе среќа, нови успеси и победи! pic.twitter.com/heftLUuz4G
— Stevo Pendarovski (@SPendarovski) May 27, 2021
По аудиенцијата кај папата, Пендаровски оствари средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.