Во интервју за Канал 5, шефот на државата ги отфрли обвинувањата дека го повредил Уставот кога му го дал мандатот на Зоран Заев и ги упати критичарите да побараат мислење од Уставниот суд
Претседателот Стево Пендаровски смета дека не направил уставна повреда при доделувањето на мандатот за составување на Владата, а од новата владина коалиција очекува да ги реализира ветувањата до граѓаните.
Пендаровски во интервју за Канал 5 ги отфрли обвинувањата дека го повредил Уставот кога му го дал мандатот на Зоран Заев и ги упати критичарите да побараат мислење од Уставниот суд.
Посочи дека коалицијата СДСМ и ДУИ била направена многу пред доделувањето на мандатот. Мандатот за составување Влада му го дал на Заев кој имал рок од 20 дена и ако не успее во тоа го враќа, што, според него, би бил политички пораз. Давањето мандат, вели Пендаровски не е гранција дека ќе се формира Влада. Смета дека треба да се прецизираат уставните одредби кои ја уредуваат оваа проблематика.
За предизборните изјави на Заев дека ДУИ по многу години власт треба да оди во опозиција и на Ахмети дека ќе има премиер Албанец, Пендаровски рече дека изборниот резултат ја диктирал структурата на Владата, исто како и во 2016 година.
„Математиката во политиката, за жал или за среќа, е многу битна работа“,
истакна претседателот.
Резултатите од изборите за него биле очекувани, со исклучок на Левица, во позитивна смисла, зашто добила повеќе гласови од очекуваното.
За изборниот модел и дали треба да се менува, Пендаровски рече дека се залага за една изборна единица и за отворени листи и преференцијални гласови. Но, тој во моментов не гледа дека има политичка волја кај најголемните партии за измена на изборниот модел.
За очекувањата од новата Влада, вели дека гледа војла за продолжување на реформите, кои особено треба да се насочат во правосудството.
„Практично, овој состав е 70-80 проценти во кадровска смисла идентичен со претходната влада. На крајот на краиштата, јас не сум тој кој треба да го цени составот. Премиерот, мандатарот ги одбира луѓето, ги селектира и на него е да ја понесе и одговорноста ако тие не одговараат на задачите кои им ги доделил. Она што јас знам е дека во оваа влада има луѓе кои се способни. Најголемиот дел и лично ги знам. Има многу малку нови ликови, мислам дека еден – двајца се сосема нови. Владата сега заедно со премиерот има 20 министри, имаше 26. Тоа е потег за поздравување. Ги тргна министрите без портфељ, кои најмногу се користеа за меѓупартиски пазарења. Објективно, мислам дека требаше и потпретседателите да бидат еден или двајца помалку. Меѓутоа, тоа не е битно. Битно е дека структурата на Владата во овој момент е таква што ги покрива сите ресори кои се битни“,
оцени Пендаровски.
Шефот на државата смета дека во работењето на државните функционери освен кривично-правната треба да се има предивид и политичката и морална одгворност.
За тоа зошто не биле исполнети ветувањата за правда и правна држава, тој вината ја лоцира во судството и спрегите меѓу центрите на политичка и бизнис моќ.
Пендаровски смета дека евентуалното укинувањето на техничката влада и промената на изборниот модел треба да се прави со консензус меѓу власта и опозицијата, за да се постигне доверба во тие процеси.
Вели дека вреди да се размисли за задржување на концептот на техничка влада што би можел дополнително да се уреди по примерот на држави со поголема демократска традиција.
„Техничка влада има во држави со голема традиција, но таму е навистина техничка влада. Кај нас е само во 4-5 ресори. Грција, на пример, има влада последните месец – два, само од бирократи во сите ресори. Јас дури би одел и кон комплетна техничка влада, сите 15-20 ресори да бидат административци“,
рече Пендаровски.
Техничката влада, според него, би била корисна зашто би ги канализирала политичките расправии меѓу власта и опозицијата.