Претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање упати јавен повик до лидерите на најголемите политички партии во власта и опозицијата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, уште денеска да седнат да постигнат договор за датум за избори и да најдат излез од ситуацијата со тоа што ќе ги стават државните интереси над партиските.
Во спротивно, рече Пендаровски, ја отвораме вратата за продлабочување на кризата.
„Знам дека поголемиот број наши граѓани не размислуваат за избори. Но, избори и во време на корона се неопходни за да добиеме функционален парламент и легитимна политичка влада наместо техничка“,
рече претседателот.
Изминатите денови, рече тој, комуницирал со лидерите на партиите и со меѓународната заедница. Според тоа, како што рече, власта и опозицијата се согласни дека на изборите мора да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР и дека ДИК во соработка со Комисијата за заразни болести треба да изготви безбедносни протоколи за гласање. Но, за жал, тоа не е случај со датумот за избори.
Затоа, нагласи Пендаровски, изборниот процес мора да биде инклузивен бидејќи во спротивно тоа ќе значи влез во политичка криза, а ако се земат предвид и хибридните закани тоа понатаму би можело да прерасне и во безбедносна криза.
Со цел да се договорат за инклузивен изборен процес, веднаш по завршувањето на денешното обраќање, рече Пендаровски, ќе ги побара по Заев и Мицкоски за да седнат да се договорат.
„Време за губење немаме“,
нагласи претседателот.
Тоа не би била лидерска средба во формат како што имаше досега бидејќи за останатите лидери, според претседателот, е познат ставот за изборите. Сите останати, рече тој, се за избори на 5 или 19 јули.
Во случај да не се договорат до утре на полноќ, кога истекува вонредната состојба, претседателот спомена сценарио и во понеделник, на пример, да прогласи вонредна состојба за неколку дена доколку лидерите договорат датум.