Според претседателот, делата на одликуваните народни музичари се вистински патриотизам и денес, колку и да сме раскарани, сепак ги слушаме и пееме истите песни што не потсетуваат дека сме дел од еден ист народ. За жал, независната македонска држава, рече тој, три децении не им оддаде почит
Уметник како Сариевски кој ја отпеа „Зајди, зајди јасно сонце“, рече Пендаровски се раѓа еднаш во сто години. Васка Илиева, наведе тој, ги сплотува Македонците со „Земјо македонска“, а Вања Лазарова никого не оставила рамнодушен со класикот „Со маки сум се родила“
За Јонче Христовски, претседателот рече дека е најголем боем, а неговите „Ој Вардаре македонски“ и „Македонско девојче“ се одамна прифатени кај нашиот народ како неформални химни. Ајри Демировски, наведе Пендаровски, ни ја остави „Битола мој роден крај“ која многумина ја сметаат за песна на векот, а еден стих е испишан и на неговата надгробна плоча во Измир

На Виолета Томовска, која присуствуваше на церемонијата, претседателот ѝ се заблагодари што ни ги подари „Песна ви пеам Македонци“ и „За многу години Македонци“
Тринаесет великани на македонската народна и изворна песна вечерва на свечена церемонија во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание беа одликувани со Медал за заслуги од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Музичарите кои добија медал за заслуги се Анка Гиева и Виолета Томовска, а постхумно беа одликувани: Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски.
„Имаме многу причини да им бидеме благодарни на нашите легенди, но денес ќе издвојам две. Прво народното творештво е централната точка на македонскиот идентитет. Создавањето и пренесувањето народни песни е најзначајниот колективен творечки подвиг на македонскиот народ во услови на окупација и пропаганди. Песните што им помагаа на нашите предци да ги издржат сите обиди за асимилација станаа неотуѓив дел од нашиот идентитет. Како сведоштво за јазичниот, културниот и духовниот идентитет, песните паметат многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“,
рече Пендаровски.
„Македонската држава три децении не им изрази должна почит“
Во говорот на свечената церемонија, претседателот посочи дека уметниците кои се одликуваат вечерва ги посветија своите животи на промовирање на музиката која е суштински елемент на македонскиот идентитет, но за жал македонската држава од својата независност три децении не се сетила да им оддаде достојна почит.
„Преку нивните настапи и концерти, тонски и видеозаписи, светот дозна за уникатниот седумосмински ритам, а самите уметници создадоа авторски дела кои беа прифатени од народот и станаа дел од сите наши приватни и јавни прослави. Најголемиот дел од нив денес повеќе не се меѓу нас, за жал, повеќе од три децении независната македонска држава им немаше изразено должна почит на највисоко ниво за нивното дело иако нивните креации го прославија македонското име на сите меридијани“,
рече Пендаровски.
„Колку и да сме раскарани, ги слушаме и пееме истите песни што не потсетуваат дека сме дел од еден ист народ“
Според претседателот, делата на овие музичари се пример за вистински патриотизам и затоа не треба да чуди што нивните изведби и песни толку моќно нè поврзуваат и сплотуваат независно каде се наоѓаме во светот.
Сето ова, рече Пендаровски, води кон втората голема причина поради која треба да бидеме благодарни на нашите уметници, а е поврзана со нашиот најголем национален предизвик денес – поделеноста или поделбите во македонското општество. Овие песни, колку и да сме раскарани, наведе претседателот, потсетуваат дека сме дел од еден ист народ.
„Исправени сме, пред не мала задача – како во време на длабоки поделби да ја обновиме свеста за општото добро и да размислуваме и работиме не само за личниот интерес. Во минатото кога не сме имале своја слободна држава народните песни им давале сила и надеж на нашите предци да ги издржат сите премрежја. И денес, творештвото на нашите народни уметници не го дели туку го сплотува народот. Колку и да сме раскарани, сепак ги слушаме и пееме истите песни што не потсетуваат дека сме дел од еден ист народ. Кога ги слушаме и пееме овие песни, стануваме дел од големата средба на поколенијата, минати и сегашни, во татковината и низ дијаспората бидејќи преку народниот мелос најавтентично го доживуваме македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина“,
рече Пендаровски.
Овие песни за слободата, болката, носталгијата и љубовта, додаде тој, можат барем за момент да ни помогнат да ги заборавиме поделбите, да свртиме нова страница во нашиот живот и да имаме почит едни кон други.
Пендаровски: Уметник како Сариевски се раѓа еднаш на сто години, Васка Илиева е некрунисана кралица на македонска песна
Претседателот дел од својот говор посвети на секој од одликуваните поединечно.

„Бадев од ’Параходот‘ преку ’Послушајте патриоти‘, па сè до љубовните и шегобиди напеви, тој со својот глас успеваше со својот глас на секоја песна да ѝ даде душа. Негов најпознат современик е славејот од Галичник, Александар Сариевски. Овој уметник што се раѓа еднаш на сто години испеал стотици песни меѓу кои и антологиската ’Зајди, зајди јасно сонце‘. Кон нив природно се надоврзува Васка Илиева, некрунисаната кралица на македонската песна. Таа ги сплотуваше Македонците каде и да се особено со нејзините најизведувано дело, ’Земјо македонска‘. Остави зад себе над илјада изворни македонски песни и беше една од најпознатите амбасадори на македонската песна во светот“,
рече Пендаровски.

На истата генерација, наведе шефот на државата, ѝ припаѓа и Вања Лазарова за која рече дека е вокалист од светски калибар и никој не останал рамнодушен на нејзината интерпретација на класикот „Со маки сум се родила“.
„’Ој Вардаре македонски’ и ‘Македонско девојче’ на Јонче Христовски се наши неформални химни“

Понатаму, Пендаровски потсети и на дебарчанката Мервет Беловска за која рече дека од љубов кон песната го отфрлила фереџето за да може слободно да настапува. Таа зад себе ги остави првите снимки на чалгиските напеви „Подрум одам мајче“ и „Ја излези Ѓурѓо“.
„Од дебарскиот крај е и великанот на градската, лирска и елегична народна песна Кирил Манчевски. И денес неговите музички бисери ’Абер дојде Донке‘ и ’Кога си тргнав туѓина‘ го имаат истиот ефект врз слушателите како и пред пет децении. Во оваа прилика се присетуваме и на најголемиот боем во својата генерација Јонче Христовски. Овој пејач, текстописец и композитор како никој друг знаеше да се соживее со песните и да ни помогне да се препознаеме и во радоста и во тагата. Неговите ’Ој Вардаре македонски‘ и ’Македонско девојче‘ се одамна прифатени кај нашиот народ како негови неформални химни“,
говореше Пендаровски.
Пендаровски до Виолета Томовска: Ви благодарам што ни ги подарите „Песна ви пеам Македонци“ и „За многу години Македонци“

Меѓу великаните е и Ајри Демировски за кој претседателот посочи дека далеку од родниот крај со едноставни ноти и зборови тој знаел да искаже најдлабоки емоции. „Битола мој роден крај“ е песна, наведе тој, која многумина ја сметаат за песна на векот, а еден нејзините стихови е испишан и на неговата надгробна плоча во Измир, Турција.
„Денеска имаме и две вистински дами на народната музика, Анка Гиева ја започна својата кариера со ’Елено ќерко‘, а се прочу со легендарните ’Кажи, кажи љубе Стано‘ и ’Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо‘. Сите кој присуствувале на нејзините концерти паметат дека секогаш пеела во живо. Со нас денес е и Виолета Томовска која во изминатите 60 години сними над 1 000 песни, одржа огромен број концерти во земјава и светот и издаде плочи со тираж од над 100 000 примероци. Госпоѓо Виолета ви благодариме што ни подаривте толку убави песни како ’Песна ви пеам Македонци‘, ’За многу години Македонци‘ и ’Молитва‘“,
рече Пендаровски.

Томовска, која беше присутна на свечената церемонија го прими нејзиниот медал за заслуги, но и тој за Ајри Демировски, чие семејство рекло дека нема никој подостоен од неа да ја прими наградата во негово име со оглед дека е негова сограѓанка и ја има најдобрата интерпретација на „Битола мој роден крај“.
Понатаму Пендаровски се осврна и на останатите постхумно одликувани музичари.

„Недостижниот мајстор, солистот на гајда Пеце Атанасовски, беше и кореограф, игроорец, педагог … Тој не дозволуваше шундот да продре и да ја загади чистата народна традиција. Второто име е неповторливиот Тале Огненовски првиот Македонец кој настапил во Карнеги хол, еден од најголемите виртуози на кларинет во светот чиј опус вклучуваше народна, класична и етно-џез-музика. Легендарниот Кочо Петровски пак со својата хармоника и оркестар компонираше незаборавни сплетови на ора и песни што и ден денес се изведуваат“,
рече Пендаровски.