„Нема да има никакви условувања, од тој аспект работата е исчистена и чиста и сега останува само да се договорат деталите за примопредавање, така да кажам, кои се од технички карактер. Значи, таа екстрадиција може да се случи многу скоро“, изјави претседателот на државата во вечерашното интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител
Екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, кој е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е можно да се случи многу скоро, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Како што рече тој во вечерашното интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител, доцна попладнево добиле информација дека неговата екстрадиција не е спорна од разузнавачки и безбедносен аспект.
Останува уште само, наведе претседателот, да се договорат деталите за примопредавање, кои се од технички аспект.
На прашање на неговиот домаќин, Пендаровски рече дека нема да има никакви условувања во однос на екстрадицијата на Палевски.
„Практично сега остануваат само техничките детали од она што се нарекува меѓународна правна помош, што се случува како процес меѓу двете министерства за правда (на Турција и на Северна Македонија н.з.). Значи, ако смеам да предвидувам, бидејќи ова не е спорно, имаше прашања, што со некакви припадници на Фето… Нема да има никакви условувања, дека од тој аспект е работата исчистена и чиста и дека сега останува само да се договорат деталите за примопредавање, така да кажам, кои се од технички карактер. Значи, таа екстрадиција може да се случи многу скоро“,
рече претседателот во интервјуто.
Инаку, првоосомничниот за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава, се наоѓа во Турција, каде што беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол. Тој се наоѓа во затвор во Турција и во тек е постапката за негова екстрадиција.
Барањето за екстрадиција на Палевски, Министерството за правда го испрати до надлежните власти во Турција на 7 декември, а ресорниот министер тогаш изјави дека очекува брз и позитивен одговор, иако подоцна од Министерството рекоа дека постапката може да трае и неколку месеци.
Основниот кривичен суд во Скопје на барање на Обвинителството на 4 јануари им го продолжи притворот за уште 30 дена на останатите петмина осомничени за грабнувањето и убиството.
Меѓу осомничените на кои им е продолжен притворот е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој според истрагата им помогнал на останатите да го грабнат девојчето и се сомничи за кривичното дело грабнување.
Притворот за нови 30 дена му е продолжен и на осомничениот кој го возел Палевски од Србија до Турција.
Владимир Туфегџиќ, адвокат на таткото на 14-годишната Вања, бара нему да му биде определен куќен наместо затворски притвор.
Според него, до надлежниот јавен обвинител е доставена ургенција за постапување со оглед дека лицето има дадено исказ во прелиминарна фаза на предистрага кога му бил определен краткотраен притвор.
„За да биде повикано во фаза на истрага да даде целосен исказ со кој ќе појасни што видел, слушнал и со кои лица преземал дејствија, со цел пронаоѓање на неговата ќерка во период од 27 ноември до денот на неговото лишување од слобода, воедно како, со кого и на кој начин ги обезбедувал и предавал видеозаписите на полициските службеници, како и за многу други прашања битни за целосно расчистување на овој настан“,
изјави денеска адвокатот.
Од Основното јавно обвинителство денеска за „360 степени“ потврдија дека осомничениот Ѓорчевски дал исказ на почетокот на постапката.
Од Обвинителството не одговорија на прашањата на „360 степени“ дали до нив стигнало, и како ќе постапат по однос на барањето на адвокатот на таткото на Вања, кој бара Ѓорчевски да биде повикан на распит. Оттаму единствено посочуваат дека истрагата е во тек и дека надлежниот јавен обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата што на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.
Контроверзниот српски политичар Срѓан Ного во саботата објави емисија на својот канал на Јутуб во која тврди дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не сноси вина за случајот и дека нема никаква поврзаност со убиството на неговата ќерка.
Според него, случајот претставува класична ликвидација, а не обид за барање откуп.
Дополнително, Ного објави и снимки од наводен разговор меѓу Ѓорчевски и полициски службеници, кои, според српскиот политичар, укажуваат на тоа дека таткото самиот го решил случајот, односно на полицијата ѝ предал материјали за автомобилот „ситроен“ со кој е киднапирана неговата ќерка.
Во емисијата се објавени и снимки од 74-годишниот Панче Жежовски, од денот кога бил киднапиран и убиен.