Несомнено, ни претстои голема работа за да овозможиме економска самостојност и социјална интеграција на руралната жена, истакна шефот на државата на Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври во Крушево

Руралната жена се соочува со серија предизвици – невработеност, здравствена заштита, социјални услуги, нееднаква прераспределба на приходите, лишеност од сопственоста на земјоделското земјиште и имотот, како и од правото на платено породилно отсуство.
И ова се само дел од предизвиците, кои беа истакнати на денешното одбележување на Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври, во Крушево.
На настанот учествуваше и претседателот Стево Пендаровски кој истакна дека како држава, сè уште сме далеку од постигнувањето на целосна рамноправност на руралната жена на кое било ниво во државата.
„Несомнено, ни претстои голема работа за да овозможиме економска самостојност и социјална интеграција на руралната жена. Притоа, неопходен услов е поддршката на женското лидерство и на организациите кои се занимаваат со оваа проблематика. Гласот на руралната жена, нејзините потреби и проблемите со кои се соочува, треба да бидат чуени, но, и решени. Поддршката на оваа категорија жени не смее да биде декларативна и наменска, како што најчесто е, и не само на меѓународниот ден, туку суштинска и секојдневна“,
истакна шефот на државата.
Тој оцени дека особено релевантни се темите за обезбедување платено породилно отсуство и здравствено осигурување на жените земјоделки.
„Руралните жени се столб на локалната економија, придонесувајќи како земјоделки, сезонски работнички и како претприемачки. Со својот ангажман, тие, пред сè, придонесуваат за одржување на семејството, односно обезбедување на храна и намирници за домаќинството, но, и за производство кое го пласираат на пазарите. Покрај оваа работа, тука е и нивната секојдневна грижа за семејството и најголемиот товар околу подигнувањето и воспитувањето на децата. Накратко кажано, руралните жени сe пример за посветеност, солидарност и грижа за другите. Затоа тие заслужуваат да добијат безрезервна поддршка и помош од секој од нас, во рамки на нашите надлежности“,
кажа Пендаровски.
На Меѓународниот ден на руралните жени денеска во Крушево присуствуваа 200 претставници на институции, организации од регионот и рурални жени од целата земја.
Настанот го организираше Националната федерација на фармери со поддршка на шведската развојна организација „We Effect“ и Германското друштво за меѓународна соработка – GIZ и e во насока на обединување и подигање на свеста на руралните жени за нивната важна улога во локалните заедници и општеството.