Шефот на државата ова го кажа коментирајќи ја одлуката на Холандија да стави во мирување проект со Судскиот совет по последните случувања во ова тело, за што вели дека холандскиот амбасадор дал коректна изјава. Целокупниот состав на Судскиот совет, смета претседателот, прилично се избрукал во очите на македонската јавност

Претседателот Стево Пендаровски посакува да види странски амбасади во земјава да ги повлечат своите проекти и парите што ги даваат на невладини организации и медиуми кои со години, вели, работат со европски пари, а се против Европа.
Ваквата желба, шефот на државата ја кажа одговарајќи на новинарско прашање како го коментира тоа што по последните случувања Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет, а холандскиот амбасадор изјави дека тоа е нелигитимно тело, како и дали размислува да ги повика двата члена на Советот избрани по негов предлог да дадат оставка.
„Мислам дека проблемот со Судскиот совет е многу поголем отколку тие двајца кои по мој предлог ги избра Собранието. За жал, целокупната постава на овој Судски совет прилично се избрука во очите на македонската јавност и во таа насока мислам е сосема коректна изјавата на холандскиот амбасадор да, ако не се лажам, го спроведуваат со Судскиот совет. Би сакал да видам, не само од холандската амбасада туку и од неколку други амбасади во Скопје да ги повлечат своите проекти и парите кои ги даваат не само на Судскиот совет, туку и на неколку невладини организации и медиуми кои очигледно сите овие години наназад работат со европски пари, а против Европа“,
рече Пендаровски денеска на прес-конференција.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп ја обелодени веста за ставањето во мирување на проектот во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) викендов и рече дека проблемот во правосудството е всушност истиот како и со корупцијата.
Во минатите две години, рече тој, мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но сега, нагласи, повторно гледаме дека работите се влошуваат.
„Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето ’основи‘ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“,
рече Коп.
Судскиот совет, пак, денеска одржа колегиум по кој му се спротивстави на холандскиот амбасадор и рече дека изнесувал неосновани тврдења.
„Судскиот совет функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет. Ова е заклучено на денешниот работен колегиум на кој се отфрлени како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на СС е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување четиригодишниот проект финансиран од оваа земја. Членовите потенцираат дека првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет. Холандскиот проект трае четири години и се состои од три компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година“,
рекоа од Судскиот совет.