Во однос на подготвеноста на земјава за отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија, Пендаровски за време на прес-конференцијата со германскиот колега нагласи дека земјава е најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на Унијата. Тоа е така зашто, како што рече, практично, 17 години се подготвуваме за овие преговори, што е најдолгиот период на подготовка во историјата на ЕУ
Уверен сум дека ако процесот на преговори со Европската Унија не биде базиран историја туку на реалните европски критериуми и вредности, Северна Македонија ќе ги заврши преговорите со ЕУ во рекордно време, изјави претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со германскиот колега Франк-Валтер Штајнмајер по официјалната заедничка средба.
Одговарајќи на новинарско прашање од германски новинар како ја гледа пристапната можност на Северна Македонија во однос на временскиот хоризонт, претседателот Пендаровски изјави дека не би сакал да дава прогнози по однос на ова прашање.
„Ако ме прашувате за временскиот хоризонт, не би сакал да прогнозирам. Нашиот пријател Штајнмајер имаше вчера интервју за ‘Дојче веле’ и го прашуваа како од германска перспектива гледа временскиот хоризонт, дали е остварлива 2030 година за влез во ЕУ. Тој вели: ‘Jас сум политичар, не сум пророк’. Мислам дека околу прогнозирањето треба да се задржиме на неговиот став“,
рече претседателот Пендаровски.
Во однос на подготвеноста на земјава за отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија, Пендаровски нагласи дека земјава е најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на Унијата. Тоа е така зашто, како што рече, практично, 17 години се подготвуваме за овие преговори, што е најдолгиот период на подготовка во историјата на ЕУ.
„Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина, така што јас сум уверен дека ако процесот со преговори со ЕУ не биде базиран на историја туку ако биде базиран на реалните европски критериуми и вредности, ние во рекордно време ќе ги завршиме тие преговори“,
заклучи претседателот.
Во своето воведно обраќање на прес-конференцијата, Пендаровски ја нагласи важноста од посетата на германскиот претседател Штајнмајер која, како што рече, доаѓа во година кога конечно после многу одложувања Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ и кога ѝ е неопходна поддршка за забрзување на тој процес.
„Во време кога вербата во евронтеграциите во целиот регион е разнишана, во овој сензитивен период, ни е повеќе од потребна помош од големите европски демократии, од предводниците на идејата за обединет континент“,
истакна Пендаровски.
За време на средбата со германскиот претседател, Пендаровски нагласил дека Северна Македонија е целосно посветена на првите фази во преговорите со ЕУ оти членството, како што рече, останува наша долгорочна стратегиска определба на која ќе продолжиме да работиме со несмален интензитет.
„Во овој контекст, недвосмислената поддршка што ја добиваме од Германија е од големо значење за нас, особено во рамки на обновениот Берлински процес во кој Германија има клучна улога“,
додаде шефот на државата.