Атмосферата пред претстојните претседателски и парламентарни избори во Бугарија се вжештува. Актуелниот претседател го повика лидерот на ГЕРБ да престане да ја користи својата партија како штит и да се бори за својата чест со тоа што ќе му биде противкандидат. Во меѓу време, познатата пејачка Луна реши да им се спротивстави на политичарите и да се кандидира за претседател. Вели дека таа ќе биде никулец на промените во Бугарија
Актуелниот шеф на бугарската држава и кандидат за нов мандат на претстојните претседателски избори Румен Радев вели дека не е гатач и не знае кој би бил крајниот исход од изборите, но јавно го повика поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, да се соочат и да му биде противкандидат.
„Крајно време е да престане да се крие зад својата партија и да ја користи како штит. Наместо да прозива и да раскажува приказни логично би било излезе на мегдан. Тој треба да се избори за својата чест така што ќе се кандидира за претседател“,
изјави денеска Радев.
За него е неприфатлива одлуката на ГЕРБ и на Борисов да ги држат граѓаните во неизвесност и да не го обелоденуваат својот кандидат за претседател.
Вчера лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека до крај ќе бидат внимателни и ќе го чекаат последниот рок за да го претстават својот фаворит што ќе му се спротивстави на Радев, затоа што дел од личностите што биле во комбинација, откако нивните имиња се прочуле во кулоарите, биле „цел за отстрел“.
„Само што во дел од истражувањата што ги прават медиумите се спомна името на професор Балтов како наш можен кандидат, тој беше ‘расчеречен’ во јавноста. Затоа ГЕРБ до последниот ден нема да истакне кандидат за претседател“,
вели Борисов.
Пејачката Луна поднесе кандидатура за претседател на Бугарија
Поп-фолк пејачката Луна Јорданова, позната само како Луна, денеска во Централната изборна комисија ја поднесе својата кандидатура за претстојните претседателски избори.
„Вистинскиот претседател на Бугарија има само едно име и тоа е Луна“, изјави таа денеска пред новинарите.
„За да имаме ние, граѓаните на Бугарија поголем избор, а не да ни се предлагаат едни исти лица, како што е случај, решив да се кандидирам. Имам доверба во себе, имам верба во сите Бугари, во мојата публика. Тие ме мотивираат и веќе неколку години ме тераа да го направам овој чекор. Јас сум обична девојка од мало гратче, но еве сум сега тука. Промената почнува од мене. Промената почнува од Луна Јорданова, попозната како ‘Луна претседателката- вашата претседателка’. Животот е миг и сакам да си го направам ќеифот со тоа што ќе одам на гласање и ќе гласам за себе“,
категорична е Јорданова.
Првиот круг на претседателските избори во Бугарија ќе се одржи на 14 ноември, на истиот ден кога бугарските избирачи по третпат оваа година ќе гласаат на вонредни парламентарни избори.