Пред вратата на општината дојдоа педесетина, но во зградата на локалната власт во општина Центар влегоа десет претставници на пазарџиите од скопскиот Зелен пазар. По точно една недела протести, градоначалникот Саша Богдановиќ и пазарџиите очи во очи ќе ги „пеглаат“ разликите кои настанаа откако општината го поскапе паркингот во околината на пазарот од 40 на 70 денари за час.
Насобраните пазарџии ги повторија своите стравувања уште пред да влезат на средбата- дека никој нема да влезе на пазарот за на пример да купи јаболки од 30 денари, ако треба да плати 70 денари за еден час паркинг. Нудат повеќе предлози за решавање на спорот- поскапувањето да биде помало, првиот час да не се наплаќа и друго.
Ставот на општината пак е дека поскапувањето на паркингот се однесува на целата територија на општината. Во конкретниот случај, ги обвинуваа пазарџиите дека го злоупотребувале досегашниот систем на наплата.
„Пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг-карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа за тешки товарни возила за кои ПОЦ, согласно одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на стока до 7 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на стока од 5 до 7 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’ ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние што ќе вршат ваков вид злоупотреба“,
реагираа од Паркинзи на општина Центар минатата недела.
Од општината сметаат дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски пазар“ кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги.
Поради конфликтот на релација пазарџии-општина, минатата недела имаше двочасовни блокади на булеварот „Св. Кирил и Методиј“. Станува збор за една од најпрометните сообраќајници во центарот на Скопје.