Незадоволството на пациентите доаѓа откако министерот за здравство Беким Сали денеска по средбата со министерот за финансии и претставници од Фондот за здравство најави дека наместо 30, како што се очекуваше, терапијата за цистична фиброза засега ќе ја добијат само осум пациенти кои се во полоша состојба
Кога ќе ги носат наредните одлуки, надлежните нека земат едно цевче и нека дишат низ него за да ја сфатат итноста на нашата состојба, па можеби во тој случај ќе донесат решение во многу побрз рок и нема да загрозат ниту еден живот.
Ова денеска го порачаа пациентите со цистична фиброза, кои, незадоволни од одлуката на министрите за здравство и финансии, оти терапијата за оваа болест засега ќе ја добијат само осум пациенти, најавија дека утре напладне ќе протестираат пред зградата на Владата.

„Изреволтирани сме и разочарани од изјавата на министерот за здравство и на министерот за финансии. Се надевавме и баравме исклучиво писмен документ во којшто ќе гарантираат дека работите ќе се движат и тоа е сè со цел затоа што во минатото, во последните две години сме залажани со усни изјави, со ветувања коишто се давани и затоа сега не можеме да се потпреме на нив. Не можеме да бараме од пациентите повторно, после две и пол години, се уште да го одложуваме процесот и да чекаме дека нешто ќе се среди и притоа да се потпреме на тоа дека надлежните се одредени личности што се држат до нивниот збор“,
рече Фики Гаспар од Асоцијацијата за цистична фиброза на денешната прес-конференција.
Ваквата изјава на пациентите доаѓа откако министерот за здравство Беким Сали денеска по средбата со министерот за финансии и претставници од Фондот за здравство најави дека наместо 30, како што се очекуваше, терапијата за цистична фиброза засега ќе ја добијат само осум пациенти кои се во полоша состојба.
Претседателката на Асоцијацијата за цистична фиброза Ивана Атанасовска на денешната прес-конференција пред Владата нагласи дека се зголемува бројот на пациенти со влошена состојба особено заради стресот што го доживуваат поради неизвесноста која ја имаат од страна на институциите во однос на тоа дали ќе има или нема одлука за нивниот проблем. Таквиот стрес, вели таа, дополнително го влошува нивното психичко и физичко здравје.
„Имаме пациенти кои се веќе постојано на кислородна поддршка, но тој број постојано ќе се зголемува затоа што времето нас не ни оди во прилог“,
рече таа.
Се зголемува бројот на пациенти со влошена состојба посебно заради вакви работи кои дополнително ни го влошуваат здравјето со стресови – дали ќе има одлука, дали ќе нема одлука, па делумна одлука и сето тоа влијае колку на психичкото толку и на физичкото здравје.
