Мажот што бил заразен со ХИВ се разболел и од леукемија. Поради ракот на крвта докторите предложиле да му се изврши трансплантација на коскена срцевина, а по пресадувањето забележале дека нивото на ХИВ вирусот во неговото тело станало незначително
Американските лекари излекувале пациент кој се заразил и живеел со ХИВ од 80-тите години на минатиот век. Ова е четврт познат случај на излекуван од овој вирус.
Станува збор за 63-годишнен маж кој заболел од леукемија и поради тоа му била извршена трансплантација на коскена срцевина, а донорот од кој била земена срцевината случајно бил отпорен и на ХИВ. По трансплантацијата пациентот престанал да ги зема и лековите за ХИВ.
Пациентот, кој не сакал јавно да го открие идентитетот, рекол дека е исклучително благодарен што вирусот повеќе не се наоѓа во неговото тело, пренесува Би-би-си.
„Кога ми беше дијагностициран ХИВ во 1988 година, како и многу други, мислев дека тоа е смртна казна. Никогаш не мислев дека ќе го доживеам денот кога повеќе нема да имам ХИВ“,
рекол излечениот маж.
Пациентот, чија трансплантација била извршена во болница во Дуарте, Калифорнија, бил внимателно следен по пресадувањето на коскената срцевина при што лекарите забележале дека нивото на ХИВ станало незабележливо во неговото тело.
„Бевме воодушевени што му соопштивме дека неговиот ХИВ вирус е во ремисија и дека повеќе нема потреба да ја зема терапијата што ја користеше повеќе од 30 години“,
изјавила докторката за заразни болести, Јана Диктер.
Првиот излекуван пациент од ХИВ беше регистриран во 2011 година кога Тимоти Реј Браун стана првиот човек во светот што го победил вирусот. Во изминатите три години имаше уште три слични случаи, вклучително и последниот 63-годишник кој е и најстариот од нив.
Сепак, трансплантацијата на коскена срцевина нема да направи револуција во третманот на ХИВ за 38 милиони луѓе во светот кој се инфицирани со вирусот.
„Тоа е сложена процедура со значителни потенцијални несакани ефекти. Значи, тоа навистина не е соодветна опција за повеќето луѓе кои живеат со ХИВ“,
вели докторката Диктер.
Меѓутоа, потсетува Би-би-си, научниците бараат начин испитувајќи генетска терапија како потенцијален третман за лекување на вирусот, случај што беше пријавен и на конференцијата Сида 2022, што се одржа во Монтреал, Канада.