Осомничениот на 10 ноември во својот дом телесно ја повредил девојката откако по расправија почнал да ја дави и со тупаници и со шлаканици да ја удира по главата и телото, нанесувајќи ѝ површинска телесна повреда и неколку нагмечувања, како и крвни подливи
Барањето за продолжување на притворот од Обвинителството го поткрепуваат со фактот дека обвинетиот непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена бил недостапен. Според Обвинителството, постои и опасност тој да го повтори насилното однесување
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола поднесе обвинение 24-годишниот жител на градот осомничен за физичко малтретирање на својата партнерка и побара судот да му ја продолжи мерката притвор.
Станува збор за битолчанецот што избега преку прозорец од полициска станица во Битола. Откако помина два дена во бегство, самиот им се предаде на органите на прогонот, по што беше приведен.

Според краткиот опис на случајот, осомничениот на 10 ноември во својот дом телесно ја повредил девојката откако по расправија почнал да ја дави и со тупаници и со шлаканици да ја удира по главата и телото, нанесувајќи ѝ површинска телесна повреда и неколку нагмечувања, како и крвни подливи.
Во текот на постапката за прибирање докази, како што се вели во соопштението од Обвинителството, битолчанецот беше обезбеден со мерка притвор, земајќи ги предвид ризиците тој да се обиде да го избегне кривичниот прогон и да го повтори насилното однесување.
Но, во текот на постапката, додаваат оттаму, се ценеше и тоа што тој непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена не бил достапен.
Јавниот обвинител, сметајќи дека овие ризици и натаму постојат, со поднесеното обвинение му предложи на судот да му ја продолжи притворската мерка.
Неговата 21-годишна партнерка на 10 ноември годинава пријавила дека нејзиниот партнер ја давел, ја удирал со тупаници и ѝ се заканувал дека ќе ја убие.
Пред полицијата раскажала дека насилството траело околу една и пол година, но од страв досега не го пријавувала.
По пријавата, осомничениот доброволно дошол во полициската станица заедно со свој родител. Но, кога полицајците им кажале дека ќе биде задржан, избегал преку прозорец.
По два дена во бегство, доброволното предавање на 24-годишниот К.У. било реализирано во координација меѓу неговиот бранител и битолското Основно јавно обвинителство.
Мајката на девојката во изјава за дел од медиумите кажа дека имаат и пораки од социјалните мрежи во кои, според неа, осомничениот постојано упатувал закани кон девојката и нејзиното семејство.
