Поглаварот на СПЦ нагласи дека сега ќе следи разработување на сите техничко-организациски детали за свеченото прогласување на официјалниот акт на автокефалност, а потоа за истото ќе бидат известени и сите помесни цркви
Српскиот патријарх Порфириј од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје објави дека Саборот на Српската православна црква (СПЦ) ја прифаќа и признава автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)
„Сега браќа и сестри кога дојдовме овде ви носиме уште една радост. Светиот архирејски Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА и Соборот на нашата црква благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност. Браќа и сестри во исто време, Светиот собор на нашата црква се става на должност на Синодот, заедно и во соработка со Архиепископот Стефан и неговиот Синод да ги разработат сите техничко-организациските детали и ќе следи свеченото прогласување на официјален акт, а потоа сите помесни православни цркви ќе бидат известени и ќе бидат повикани да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА“,
рече патријархот Порфириј.
Сигурни сме, рече тој, дека и сите други православни цркви ќе ја дочекаат оваа вест и дека ќе се радуваат.
Радосната вест тој ја објави по сослужувањето на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Соопштувањето на одлуката на Соборот на СПЦ беше проследена со долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаат во и околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Денеска, рече Порфириј пред објавувањето на одлуката, необјасниво сме среќни и се радуваме затоа што пред нашите очи се случува чудо. Тоа што беше раздвоено во 1967 година, додаде тој, Господ не удостои да биде излечено.
Да се радуваме денес, да се радува целата црква, рече патријархот, што после 55 години служи заедничка литургија.
„Браќа и сестри пред неколку дена во Белград сослужувавме заедно во храмот ’Свети Сава‘, а еве денеска сме тука во храмот ’Свети Климент Охридски‘. Во Белград каде имаше повеќе илјади луѓе собрани, и таму и овде каде сте собрани денеска, видов и гледам радост и љубов во очите на сите вас. Гледам и обврска и задача и порака за нас, а тоа е дека вашата љубов и молитви, и во Белград и тука, помогнаа да се надмине искушението и овозможија Господ да направи чудо, да разбереме дека сме едно и на едни на други потребни, дека не можеме едни без други, дека сме едно тело, дека Христос е нашата мера, дека е тој алфа и омега на нашето постоење“,
рече Порфириј.
Денешната литургија во Скопје на која СПЦ ја објави одлуката следува по заедничката литургија на помирување што се одржа минатата недела во храмот „Свети Сава“ во Белград, а која, исто така, ја сослужуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот Стефан.
Заедничките литургии во Белград и Скопје доаѓаат откако на 9 месецов, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.