До ваква состојба дојде откако кандидатот на ГЕРБ, Росен Жељазков, и Никола Минчев од Промените продолжуваат не успеаја да ја добијат поддршката на повеќе од половината пратеници на Народното собрание на Бугарија за да застанат на чело на парламентот
Ситуацијата без преседан го остави новото Народно собрание на Бугарија без спикер. Без успех беше и вториот обид за избор на претседател, јавуваат бугарските медиуми.
До ваква состојба дојде откако кандидатот на ГЕРБ, Росен Жељазков, и Никола Минчев од Промените продолжуваат не успеаја да ја добијат поддршката на повеќе од половината пратеници на Народното собрание на Бугарија за да застанат на чело на парламентот.
За Жељазков гласаа само пратениците од ГЕРБ и ДПС кои собраа 103 гласа. И Никола Минчев ја зголеми поддршката во однос на првото гласање од 74 на 98 гласа. Дополнително дојдоа гласовите од БСП откако нивниот кандидат Кристијан Вигенин отпадна во првиот круг.
Пратениците од Бугарски подем на поранешниот бугарски в.д. премиер Стефан Јанев гласаа воздржано, и покрај тоа што најавија дека ќе го поддржат кандидатот на ГЕРБ, Росен Жељазков. Според бугарските медиуми, меѓутоа, и 12-те гласа на партијата на Јанев немаше да бидат доволни за негов избор.
Ова е првпат пратениците на Народното собрание да не можат да изберат претседател на парламентот.
„Се консултирав и со постари парламентарци, досега не сме имале таков случај Националното собрание да не избере претседавач на второ гласање. Очекуваме тоа да се случи денеска. Тоа е важно“,
изјави бугарскиот претседател Румен Радев во кулоарите на Народното собрание по двата неуспешни обиди за избор на претседател на Собранието.
За избор на претседател на парламентот е потребно барем еден од двајцата кандидати да собере 50 плус 1 од присутните пратеници во 48. Народно собрание на Бугарија.
На последните парламентарни избори во Бугарија, во составот на Националното бугарско собрание влегоа седум политички партии, а прва политичка сила е коалицијата на ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.