Министерката го обвинува СДСМ дека државата ја оставил во распад и оти во нејзиното министерство имало буџетска дупка
СДСМ беше на власт во која имаше министри и имаа можност да го подобрат статусот на наставниците, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска по најавите од опозициската партија дека утре ќе организира протест на кој ќе бара покачување на платите на просветните работници.
Јаневска вели дека додека СДСМ бил на власт имал министри, заменик-министри и државни секретари, но не го подобрил статусот на наставниците.
Министерката, во изјава за МИА, ја обвинува опозицијата дека државата ја оставила во распад и оти во нејзиното министерство имало буџетска дупка.
„Протестите ги организира СДСМ кој до вчера беше на власт и имаше министри, заменици-министри и државни секретари, која ја оставија државата во распад, го оставија МОН со буџетска дупка од пет милијарди и која имаше можност да го поправи статусот на наставниците, но тоа не го направи“,
вели Јаневска.
Таа додава дека ќе продолжи да се бори за подобрување на статусот на наставниците, а оти покачување на платите ќе добијат во оној момент кога ќе се стабилизира буџетот.
Јаневска вели и дека со ребалансот на буџетот биле обезбедени 900 милиони денари кои се наменети за плати на наставниците. Она за што вели дека се прават напори е во ноември или декември наставниците да добијат и регрес за годишен одмор.
„Како Влада и како министер кој доаѓа од редот на наставниците ќе се бориме да има континуитет во подобрување на статусот на наставникот и нема да се откажеме од тоа да ги доведеме на вистинското место во општеството, не само во однос на платите. Постојано ќе бидеме во контакт со социјалните партнери – со синдикатите кои ќе работат независно, а не поттикнати од политички партии. Ќе разговараме и ќе бараме начини како да го подобриме статусот на наставникот“,
вели Јаневска.
Изјавата на Јаневска доаѓа откако СДСМ денеска на прес-конференција најави дека преку Комисијата за образование утре ќе организира собир на наставници и просветни работници. Собирот под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје, со почеток во 11:30 часот.
Најавата за протестот предизвика реакција и од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) од каде што ги повикаа членовите на синдикатот да не учествуваат на протест, без разлика кој го организира, освен на активности на кои СОНК е организатор.
Претседателот Јаким Неделков вели дека СОНК како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 илјади просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, рекоа дека СДСМ и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците со организирањето партиски протест со што, пак, докажуваат кој стои зад наводниот синдикат. Од партијата апелираа просветните работници да не подлегнуваат на притисоците на опозицијата.