Неделков вели дека СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 илјади просветни работници, се оградува од секаков вид политички влијанија и дејствија во образованието
Повик за неучество на утрешниот протест што го најави опозициската СДСМ, а на кој има собир на наставници и просветни работници денеска упати претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков. Неделков ги повика членовите на синдикатот да не учествуваат на протест, без разлика кој го организира, освен на активности на кои СОНК е организатор.
СДСМ најави дека утре под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе организира протест на кој ќе бидат собрани наставници и просветни работници за да го искажат своето незадоволство од најавите на министерката Весна Јаневска дека ветеното покачување на платите ќе го добијат во март следната година.
Неделков вели дека синдикатите си ја работат својата работа и додава дека секое мешање на политичките партии во образованието е очигледно и може да биде контрапродуктивно.
Неделков додава дека СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 илјади просветни работници, се оградува од секаков вид политички влијанија и дејствија во образованието.
„Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, дејствувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект“,
пишува Неделков на својот фејсбук-профил, објава која е споделена и на фејсбук-страницата на СОНК.
Неделков вели дека политичките партии имале и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници кои најдобро знаат тоа да го оценат.
„СОНК ќе продолжи да дејствува со сите расположливи синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел. Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот“,
се наведува во објавата од Неделков.
СДСМ денеска на прес-конференција најави дека преку Комисијата за образование утре ќе организира собир на наставници и просветни работници. Собирот под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје, со почеток во 11:30 часот.
Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, на денешната прес-конференција рече дека ќе побараат покачување на платите во образованието за 12 отсто и да се исполнат барањата на наставниците. Овој собир, вели таа, е предупредување на почетокот на учебната година зашто, како што рече, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој на образованието и оти тие целосно го погазиле ветувањето дека платите на наставниците ќе се зголемат.
По оваа најава реакција пристигна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Сергеј Попов на прес-конференција рече дека СДСМ и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците со организирањето на партиски протест со што, пак, докажуваат кој стои зад наводниот синдикат. Тој апелираше просветните работници да не подлегнуваат на притисоците на опозицијата.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска минатата недела повтори дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто сега во септември, но најави дека зголемување ќе има во март, следната година.
За неможноста зголемувањето да биде реализирано оваа година, таа ја обвини претходната власт, која, како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата.