Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во текот на предизборната кампања добила реакции од повеќе новинари, чии авторски труд го злоупотребиле политички партии. Директорот Зоран Трајчевски вели дека АВМУ не може да интервенира оти ова прашање е регулирано единствено со Законот за авторското право и сродните права
Владејачкиот СДСМ на партискиот Фејсбук профил, без дозвола на нашата редакција, објави исечоци од новинарски прилог на „360 степени“, искористувајќи го за напад на опонентите во предизборната кампања.
Намерата на оригиналниот новинарски производ беше да доловиме колку претставниците на двете најголеми политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) ги почитуваат препораките за заштита од ковид-19 при партиските собири.
Од оригиналното видео, во СДСМ ги исекле снимките кои не одат во прилог на партијата, како на пример, како директор на јавно претпријатие од нивниот табор и неколкумина кандидати за пратеници ги прекршуваат мерките за заштита од ковид-19, а ги истакнале прекршувањата на препораките на политичките опоненти. Така, со преработен новинарски производ се послужиле за предизборно напаѓање на противникот. На видеото ставиле и партиско лого.
Прашавме во СДСМ зошто во кампања се служат со новинарски прилози и притоа не го даваат целиот контекст како што е во оригиналната верзија и дали ќе го повлечат видеото. Лицето одговорно за менаџирање на социјалните платформи на партијата ни кажа прашањата да ги испратиме на е-маил и да почекаме за одговор, оти се подготвуваат за партиска трибина вечерва.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: СДСМ го повлече видеото со исечоци од новинарски прилог на „360 степени“
Ова не е изолиран пример. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во текот на предизборната кампања добила реакции од повеќе новинари, чии авторски труд го злоупотребиле политички партии. Но, директорот Зоран Трајчевски вели дека АВМУ не може да интервенира оти ова прашање е регулирано единствено со Законот за авторското право и сродните права.
Авторските дела не смеат да се користат без согласност од новинарите
Според Законот, авторот дозволува или забранува користење на делото за издавање, репродукција, дистрибуција, вклучувајќи и изнајмување, позајмување и преработување, освен ако со договор не е поинаку определено.
Од Министерството за култура појаснуваат дека авторот (новинарот), како и правното лице (медиумот) каде е објавен трудот, имаат право да тужат за искористување на нивниот производ во други цели, а постапката по тужбените барања за заштита на правото е итна.
„Согласно Законот, авторските дела и предметите на сродните права се штитат по сила на одредбите од Законот, односно не е потребна нивна авторизација како услов за заштита. Значи, авторските дела на новинарите се штитат по сила на одредбите од Законот. Не е дозволено без согласност од новинарите и телевизиите да се користат нивни авторски, новинарски прилози. Моралните права го штитат авторот по однос на неговата лична и духовна (интелектуална) врска со делото“,
појаснуваат од Министерството за култура.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, вели дека ниту една политичка партија или актер не смее да го (зло)употребува новинарскиот труд и содржини за политички цели. Секоја интервенција во таа смисла, според неа, може да се разбере како директен атак врз слободата на изразување и како директно мешање во интегритетот на професијата.

„Иако искуството на долгогодишна инструментализација на медиуми за политички цели создаде навики кај некои политичари да се ‘послужат’ со нив според диктатот на нивната волја, сепак мора да им биде јасно дека новинарските содржини не се ‘оружјето’ коешто треба да го употребуваат во меѓусебните пресметки. Впрочем, каква порака би оставиле оние што претендираат да се носители на јавни функции и од коишто се очекува да учествуваат во демократизацијата на општеството?“
вели Тунева.
Изборната кампања трае до недела на полноќ. За новинарите тоа значи дополнителен ангажман за на јавноста точно и навремено да и ги пренесат пораките на политичките актери. (Зло)употребата на нивниот труд секако не помага во таа мисија.