Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, на вчерашната средба не постигнаа договор околу формирањето на нова Влада. Сепак, како што истакнаа, разговорите ќе се продолжат во текот на наредните денови, а доколку има волја ќе се постигне позитивен епилог.
Од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски по изјавата на досегашниот спикер на парламентот Талат Џафери, кој смета дека без избран претседател законодавниот дом не може да се смета за конституиран, појаснија дека согласно уставните одредби во член 90 став 1 рокот за доделување на мандатот е десет дена од констиуирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано.
„Во 2016 година, тогашниот претседавач, Трајко Велјановски, испратил допис датиран на ден 30 декември 2016 година, со кое го информира тогашниот претседател Иванов дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите, иако не е избран претседател. Кабинетот на претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери, со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година. Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година“,
истакнуваат од кабинетот на Пендаровски.
Џафери, пак, за ТВ 21 изјави дека според него без избран прв човек на Собранието нема конституиран парламент. Тој сè уште не испратил известување до шефот на државата Стево Пендаровски за формирањето на парламентот со што би почнале да течат роковите за доделување на мандатот.
Минатиот вторник во Собранието се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав, но не беше избран претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, и за тоа, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутира тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.
Со одржувањето на конститутивната седница течат роковите за формирање Влада. Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
По вчерашната средба со Ахмети во Собранието, Заев истакна дека жали што не може веднаш да каже дека е постигнат договор и најави дека разговорите ќе продолжат следните денови. Очекува неделава да биде доделен мандатот за формирање Влада и порача дека таа треба да се формира за да носи решенија за одговор на предизвиците. Нови избори, како што вели, не се решение затоа што ќе се повтореле резултатите. На разговорот со Ахмети имале напредок во аргументацијата на ставовите на двете партии.
„Верувам дека нема многу време да губиме во распределбата на ресорите, приближно знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност, но сето тоа ќе значи и компарација со кадрите за кои ќе се разговара, но дефинитивно имаме уште многу да работиме во следниве денови. Се надевам дека тоа ќе биде час поскоро или ден порано“,
рече Заев
Ахмети рече дека веќе го информирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оти неговата партија започнала преговори со СДСМ, како победник со победник.
„Јас го информирав Мицкоски дека започнаа преговори меѓу ДУИ и СДСМ за тие да не создадат лажно претстава, туку да знаат дека ние правиме напори за да постигнеме договор“, потенцираше лидерот на ДУИ и изрази надеж дека сите партии ќе имаат силна волја за да се надминат разликите и потешкотите.
„Јас сметам дека колку што сме блиску толку сме и далеку од формирање Влада, но сепак сите страни мораат да ги имаат предвид големите интереси на државата“,
рече Ахмети.
Пред да се одржи средбата со Заев, Ахмети вчера упати покана до лидерите на партиите од албанскиот политички блок, по повод годишнинатата од Рамковниот договор. Заев тоа го оцени како притисок врз него, СДСМ и коалицијата „Можеме“ и порача дека таква средба може да имаат и претставниците од, како што вели, неалбанските граѓани. Ако е поводот Охридскиот договор, потенцира, таму треба да бидат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно по објавата на редовното утринско соопштение од СДСМ дека водат сериозни разговори за обезбедување ново стабилно парламентарно мнозниство со четиригодишен мандат, од ВМРО-ДПМНЕ во реакција порачаа дека „на Република Македонија не и е потребна уште една Влада како минатата за граѓаните да осиромашат“.
„На Република Македонија и е потребна сигурна иднина, а тоа ќе го овозможи владата преводена од ВМРО-ДПМНЕ“,
напишаа од партијата.
На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.