Гласање на Законот за јавен интерес во културата, спроведување на националната Стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година и План за развој на стратешки планови за одредени дејности, формирање фондација за поддршка на вонинституционалната културна сцена по примерот на Хрватска.
Ова се дел од барањата на граѓанскиот сектор во културата и ги повикуваат политичките партии да ги поддржат овие барања.
Граѓанската иницијатива „Култура е насловна страна на секое општество“ дополнително бара ревитализација на напуштените објекти во нови простори за работа на слободните уметници и културни работници, формирање на Институт за култура и културни политики кој ќе се занимава со неопходни истражувања кои недостасуваат во поддршка на културната и уметничката сцена, вработувања на нови кадри соодветни за новите наставни програми, како и трансформација на кадровските политики со што ќе се овозможи вработување на непартиски професионални кадри на раководните места во институциите на културата
„Со поддршката, тие ќе покажат дека културата треба да биде еден од клучните столбови во демократизацијата и европеизацијата на општеството. Бараме современа, жива и слободна култура, култура која нема да создава поделби, да поттикнува нетрпеливост или пак дискриминација по која било основа. Сакаме слободна култура за слободно општество“,
велат од Граѓанската иницијатива „Култура е насловна страна на секое општество“.