Енергетските компании барале зголемување на цените и до 130 проценти, но Регулаторната комисија одобри минимална корекција која стапува на сила од следниот месец

Од први август, домаќинствата во Скопје ќе плаќаат поскапа топлинска енергија во просек за 5,96 проценти, односно просечната месечна сметка за парно ќе се зголеми за околу 140 денари, односно од досегашните 2 353 ќе достигне 2 493 денари, информираше на денешната прес-конференција, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов. Ова зголемување пред сè се однесува на граѓаните кои се снабдуваат преку главните системи на ЕСМ.
„За корисниците на поранешната „Топлана Скопје Север“, со која сега управува „Енерџи Еколинк“, цената ќе биде повисока во просек за 3,6 проценти, додека за потрошувачите што се снабдуваат преку „ЕСМ Енергетика“ зголемувањето ќе изнесува околу пет проценти“,
рече тој.
Ристов вели дека одлуката е донесена по темелни економски и технички анализи, со оглед на тоа што енергетските компании барале драстично зголемување на цените кое се движело од 30 до дури 130 проценти. За да се оптимизираат трошоците во иднина, Регулаторната комисија силно ја поддржува иницијативата за спојување на сите компании на ЕСМ кои работат во секторот за топлинска енергија, оти со ваквиот чекор би се овозможило поефикасно користење на ресурсите и создавање услови за поповолни цени за крајните потрошувачи.
И покрај најновата корекција на цените, анализите на РКЕ покажуваат дека скопјани кои се греат на парно и понатаму имаат пониски годишни трошоци во споредба со жителите на Белград, Љубљана, Софија и Сараево. Интересот за овој начин на загревање континуирано расте, па така во изминатата грејна сезона на градскиот систем биле приклучени над 1 500 нови корисници, со што вкупната бројка на потрошувачи на топлинска енергија во главниот град достигна речиси 67 500.
