Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши уверуваат дека скопјани ќе имаат парно до крајот на грејната сезона, а и во делот на електричната енергија ќе нема проблеми затоа што сите домашни капацитети се ставени во функција за производство на струја

Утринава во 05:50 часот беа пуштени топланите на температура од 9 степени Целзиусови. Истите работеа до 09:15 часот кога се постигна надворешна температура од 12 степени и при тоа во овој период беа испорачани 997 мегават часови топлинска енергија, рече директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на денешната прес конференција по посетата на Топлана Исток каде со министерот за економија Крешник Бектеши го одбележаа почетокот на грејната сезона.
„Денес е 15 октомври и официјално согласно закон почеток на грејната сезона. Во градот Скопје денеска има парно. Но, грејната сезона не е само парно греење. Истовремено грејната сезона значи намалување на температурите и зголемена потрошувачка на електрична енергија. Што се однесува до топлинската енергија, АД ЕСМ пред само помалку од еден месец го доби задолжението од Владата да ја преземе одговорноста да го менаџира топлинското греење во градот Скопје и во овој краток период успеавме да ги формираме трите компании, да преземеме поголем дел од вработените во БЕГ, да ги ангажираме сите вработени во нашата компанија и успешно да направиме старт на денешната грејна сезона“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека граѓаните треба да бидат безбедни бидејќи има обезбедено енергенс за до крајот на месецот, а следствено на тоа како понатаму ќе функционира приватаната гасна централа ТЕ-ТО ќе се знае дали ќе се повлекува топлинска енергија од ТЕ-ТО или и понатаму целосно ќе се произведува од топланите кои ги имаат под закуп од АД „Адора“, во топланите Исток и Запад.
Ковачевски рече дека АД ЕСМ максимално е подготвена за стартот на грејната сезона и во делот на електричната енергија.
„Денеска во функција се ставени и блокот 1 и блокот 2 во Битола, Термоелектраната во Осломеј која ќе работи еден краток период, а потоа ќе има мал застој за да може да се направат сервисни интервенции и од почетокот на ноември да биде во функција до крајот на грејната сезона. ТЕЦ Неготино во моментот работи со двата котли, значи со максимален капацитет од 180 мегавати снага испорачува во системот и дневна испорака имаме од околу 1 000 тони мазут кој овозможува непрекинато работење на ТЕЦ Неготино“,
нагласи Ковачевски.
Што се однесува, пак, до хидропотенцијалот, Ковечевски рече дека, тој во овој период најмалку се користи и во моментот е на ниво од околу 30 отсто што е просек за овој период од годината.
„Во изминатите неколку месеци ја штедевме водата, го намаливме производството на електрична енергија од хидропотенцијалот за дури 30 отсто, следствено на тоа, пак, го зголемивме производството не електрична енергија од термокапацитетите во Битола и во Осломеј за дури 25 отсто. Така да се движиме кон планот што го имаме предвидено за оваа година, а тоа е 25 отсто поголем план од минатата година. До септември тој план го исполнивме целосно и го надминавме за неколку проценти“,
потенцираше директорот.
За ресурсите во термоелектраните, Ковачевски вели дека јаглен има моментално на располагање од над 200 000 тони на депонијата во РЕК Битола и околу 50 000 тони на депонијата во РЕК Осломеј. Мазут има околу 15 000 тони во складиштата во ТЕЦ Неготино и хидропотенцијалот е на околу 30 отсто.
„Со ваквиот начин на функционирање и менаџирање на сите капацитети успешно ќе ја пребродиме и оваа грејна сезона и енергетска криза“,
додаде тој.
Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека цела зимска сезона потрошувачите ќе бидат снабдувани во континуитет со електрична енергија од домашни капацитети.
„Ние не зависиме од другите држави, ние сами се подготвуваме за се да покриваме од домашни капацитети за да нема зголемување и на цените, а дополнително на тоа да не зависиме од тоа што би се случило во регионот, во Европа или, пак, глобално. Затоа сите капацитети веќе се ставаат во функција, а денешниот ден секако дека е потврда на тоа дека последните неколку месеци ЕСМ, секако со поддршка на Владата, ги направиле сите подготовки и денеска имаме парно во Градот Скопје, електрична енергија имаме во континуитет за сите наши граѓани и тоа ќе биде до крајот на грејната сезона“,
рече Бектеши.