Според она што го имаме како информација во Владата од надлежните министерства, пред сè од Министерството за економија, веќе имало заинтересирани снабдувачи на гас и денеска тие водат разговори со Министерството, нагласи премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари и скопјани непречено ќе се снабдуваат.
Уверувањето од Ковачевски доаѓа откако утрово „ЕСМ продажба“ објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата. Објавувањето на повикот доаѓа по најавите дека од 1 јануари „Макпетрол“ нема да испорачува природен гас до неговите корисници.
„Сакам да ве уверам дека парно за граѓаните ќе има и ние постојано работиме од првиот ден на оваа влада граѓаните на Скопје да имаат парно и непречено снабдување со електрична енергија. Сметам дека во енергетска криза треба да има пристап кон работата кој не вклучува уцени. Тоа не е начин, ниту пак на тој начин се добиваат било какви резултати. Ниту пак граѓаните и економијата имаат било какви придобивки од таков пристап. Мора во време на криза сите одговорно да се однесуваме“,
изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Според Ковачевски, либерализацијата на пазарот е неопходна и за тоа веќе долго време се разговара и неминовно е дека тоа ќе се случи еден ден.
„Ќе повторам парно за граѓаните ќе има и гас за компаниите ќе има. За таа цел утрово ‘ЕСМ продажба’ објави повик за прибирање на понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата – пред се поголемите производствени и услужни капацитети со кои со дел јас сум во директна комуникација со нивните главни извршни директори со оглед на тоа дека се работи за големи капацитети“,
нагласи премиерот Ковачевски.
Премиерот додаде дека повикот на „ЕСМ продажба“ ќе биде од отворен карактер и во однос на количините и во однос на времетраењето на испораката од страна на снабдувачите, а се донесува за период од 1 јануари до 30 април 2023 година.
„Според она што го имаме како информација во Владата од надлежните министерства, пред се од Министерството за економија, веќе имало заинтересирани снабдувачи на гас и денеска тие водат разговори со министерството, а знам дека за кратко треба да започне и состанок во Регулаторната комисија за енергетика со клучните институции од енергетскиот сектор во државата. Во суштина она што најважно е дека системот мора да функционира, а во енергетиката функционира, затоа и секој кој користи гас има обврска да има и алтернативно гориво согласно со прописите односно законот токму поради вакви ситуации“,
додаде Ковачевски.