Папата Франциск изјави дека повеќе не може да патува како порано поради проблемите со коленото. Засега, како што кажа, не планирал да се повлече, но сепак, сфаќа дека мора барем да забави поради здравствените проблеми кои ги има, откако на почетокот на годината ги истегна лигаментите на десното колено
Папата Франциск денеска изјави дека повеќе не може да патува како порано поради проблеми со коленото, додавајќи дека неговата еднодневна посета во Канада е „мал тест“ кој покажал оти треба да забави.
По враќањето од Нунавут, Канада, каде што се извини за насилството врз домородните деца во католичките училишта од 19 век до 1970 година, папата рече дека не размислувал да се повлече, но додаде дека „вратата е отворена“ и дека нема ништо лошо во тоа папата да се замени.
„Тоа не е чудно. Тоа не е катастрофа. Можете да го смените папата“,
рече папата Франциск.
Тој изјави дека иако до сега не размислувал да се повлече, сепак, сфаќа дека мора барем да забави.
„Мислам дека на моја возраст и со овие ограничувања морам да штедам (енергија) за да можам да и служам на црквата, или напротив, да ја разгледам можноста да се повлечам“,
рече папата.
На почетокот на годинава тој ги истегна лигаментите на десното колено, а поради терапија мораше да го откаже патувањето во Африка, планирано за првата недела од јули.
„Ќе се обидам да продолжам да патувам и да бидам близок со луѓето, бидејќи мислам дека тоа е начинот на кој треба да се служам, да бидам во близина. Но, не можам да кажам повеќе од тоа“,
рече папата Франциск.