Поранешниот претеник и висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, вечерва даде „логично објаснување“ зошто партијата го избришала терминот „Македонија“ од својот нов Статут, „доколку тоа е навистина така“.
Во гостувањето на ТВ Канал 5, во емисијата „Само вистина“, тој прво кажа дека видел статуси на Фејсбук, а не и оригиналниот документ за да потврди дека „Македонија“ повеќе не постои во Статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, даде свое видување дека тоа можеби е така затоа што партискиот Статут е подлежен на институционална заверка.
„Факт е, да не се правам дека не сум видел, имам прочитани статуси такви дека не постоело името. Треба да видам. Ако вистински не постои никаде Република Македонија, во регистрацијата, тоа е претпоставувам избегнато за да… бидејќи ќе им го вратат назад на суд. Тоа треба да се завери на суд. Оној што доби на тој Преспански договор безмалку 37 000 гласа, оној Апасиев, си го зема ли уверението на кое што му пишува дека Северна… е државава?
Вие за да избегнете во дадена ситуација, кога законски мора да наведете, подобро да не го наведувате. Ако е тоа така. Јас искрен да бидам го немам видено (Статутот н.з.). Меѓутоа, логичното објаснување е тоа“,
изјави Пандов.