Според спикерот Џафери, Собранието уште два до три месеци ќе работи во салата со купола, каде гласовите ќе се бројат рачно, бидејќи толку време е потребно за да се утврди алтернативниот начин на работа
Собранието работи на барање алтернативен начин за одржување седници во вонредни услови поради пандемијата, односно онлајн – седници и гласање.
Собранискиот претседател Талат Џафери на вчерашниот брифинг со новинарите истакна дека за утврдување на таквиот алтернативен начин на работа ќе бидат потребни два до три месеци, па сега засега седниците ќе се одржуваат во салата со купола, а гласовите ќе се бројат рачно.
Основната идеја, според него, е Собранието да работи во нормални услови како што е пропишано, но факт е дека во овие три децении немаме пропишано работа на институцијата и функционирање на институцијата во вонредни услови.
„Пандемијата ни покажа дека е неопходно да се има во предвид и алтернативна можност за работа во такви услови. Денеска е пандемија, утре може да биде друга причина за алтернативна работа на Собранието, задутре може да има трета причина – може да биде пожар, може да биде земјотрес, може да биде не знам што, кое ќе предизвика вонредна состојба и во такви вонредни околности како ќе работи Собранието, кај ќе работи Собранието. Затоа велам дека алтернатива за функционалност на институцијата, за институцијата, за граѓаните треба да имаме, а не никако како што се обидува тоа да го пренесат и да го претстават како обид на мнозинството да се надополни можното немање кворум“,
вели Џафери.