Тој во барањето за изземање до Коцевски рече дека обвинителката Крстевска-Јосифовска треба да одговори каде е пиштолот сопственост на еден од обвинетите, зошто 421 ден Јавното обвинителство не го расчистило овој факт и зошто чаурата не ја приложила како доказ
Адвокатот на Палевски вели дека тоа што четворица обвинети во досегашната постапка немале да постават ниту едно прашање или да приговорат на каков било доказ, укажува дека во овој случај можеби тие се заложници во овој кривично-правен настан или можеби веќе преговарале за исходот на постапката, а со причина првообвинетиот Палевски да биде лицето кое го извршило делото
Изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска-Јосифовска и на Јавното обвинителство Скопје побара првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо.
Барањето што го упати до републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Палевски го истакна пред почетокот на денешното рочиште.
Палевски во барањето до Коцевски, кое го прочита во судницата, ги изнесе причините и доказите за кои рече дека се содржани во двата обвинителни акти кои се споени во една судска постапка, но обвини и за лажно сведочење на сведок, докази кои, како што рече, ги приложува со барањето за изземање.
„Се обраќам до републичкиот обвинител Љупчо Коцевски за изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска и целото скопско обвинителство. Не сум оптимист за вашата праведна одлука, но нека остане пишан документ каква криминална истрага спровеле вашите вработени. Предложени се докази за лажна изјава на сведок, од вештачење на телефон, нецелосна и фалсификувана телефонска комуникација“,
рече Палевски.
Тој додаде дека надлежната обвинителка Крстевска-Јосифовска „иако ги знаела фактите, без да го вештачи телефонот на нејзиниот сведок, а за да ги негира моите искази, донесе сведок кој со докази е докажано дека сведочел лажно“.
„Но, криење оружје 421 истражен ден, нерасчистување на таа околност, дали обвинетите поседуваат оружје, е најсериозно кривично дело кое обвинител може да го направи за двојно убиство. На пет сведоци Јосифовска поставуваше прашања дали виделе пиштол во мојата канцеларија. Но, ниту на еден не постави прашање дали поседуваат оружје. Расчистување на таа околност јавниот обвинител презел само за мене, а МВР ги известило дека пиштолот со дозвола ми бил одземен 6 месеци пред настанот“,
рече Палевски.
Според Палевски, јавната обвинителката во листата на докази заборавила да ја стави и чаурата пронајдена и вештачена на местото Рудник и посочи дека тој како обвинет ја приложува како доказ таа чаура.
„Доставувам и доказ. Обвинетиот Боро Видевски поседува пиштол ’зброевка’ со дозвола од 15.1.1991 и ловна пушка ’мозберг’ со калибар 12 милиметри и со дозвола од 14.2.2001. Второ, криминалистичката пракса покажува дека вакви злосторства се вршат со оружје купено на црн пазар, но тоа требало да го разоткрие обвинителката, а на вас да ви одговори зошто не го сторила. При претрес во домот на Видевски, пиштолот не е евидентиран и не постои. Зошто јавната обвинителка не го зела тоа предвид е само уште еден доказ за намерата на креирање обвинение без докази. За обвинетиот Боро Видевски нема потврда за привремено одземени предмети од СВР Велес и во списите од Обвинителството не постои“,
додаде Палевски.
Палевски рече дека сите докази не се наоѓаат во новиот систем на Министерството за внатрешни работи, кој е од пред две години, туку во стариот.
Тој рече дека доставил копија од слика од монитор на МВР на кој се гледало дека Видевски поседува оружје.
„Сè уште постојат правдољубиви лица во МВР и вакви сериозни пропусти и докази за лоша истрага и ги доставија до одбраната. Сето ова е доказ за лошата истрага на вашата обвинителка“,
рече Палевски.
Тој во барањето за изземање до Коцевски рече дека обвинителката Јосифовска треба да одговори каде е пиштолот сопственост на еден од обвинетите, зошто 421 ден Јавното обвинителство не го расчистило овој факт и зошто чаурата не ја приложила како доказ.
„Целата грда слика за Јавното обвинителство е поради спроведување вакви политички наредби и истраги. Затоа нека остане трага дека е докажано кривично дело на јавен обвинител во истрага“,
додаде Палевски.
По неговото изнесување, судијата Ивица Стефановски го одложи судењето за 3 февруари и посочи дека мора да остави простор од три дена Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски да се произнесе по наводите во барањето за изземање.
Адвокатот на Палевски се сомнева дека четворица обвинети веќе преговарале за исходот на постапката
Адвокатот на Палевски, Марјан Витановски, откако беше одложено рочиштето, во изјава за медиумите рече дека Палевски сметал оти ова е најпогодниот момент кога треба да се бара изземање од причина што јавниот обвинител ниту административно не проверил дали обвинетиот Боре Видевски има пиштол.
„При претрес на дом констатирал само дека не се пронајдени предмети кои би биле сврзани со конкретно кривично дело. Имајќи го во предвид фактот дека поседува ист таков пиштол, сметавме дека истрагата во една фаза е незаконска од причина што и доставената чаура што е вештачена не беше доставена да биде изведена како доказ. Сметавме дека доколку истиот поседува оружје со дозвола при нејзино добивање во надлежните служби се врши испукување и преку него се води во системот на МВР. Доколку бил одземен пиштолот од Боре Видевски можело да се провери дали пронајдената чаура одговара на тој пиштол или евентуално на кој било пиштол што некое лице го поседува со дозвола“,
рече Витановски.
Според него, некои работи што ги презема Обвинителството укажуваат на тоа дека се прави обид по која било цена обвинетиот Палевски да се доведе во поврзаност со ова кривично дело. Тој вели дека доказите што се приложени кон обвинението, обвинетиот Палевски засега не може да се доведе во поврзаност со ова дело.
„Доколку се пронајде пиштолот од овие обвинети тука, нека се провери таа околност па тогаш ние како одбрана ќе си продолжиме со проверка на други факти“,
рече тој.
Витановски посочи и дека тоа што досега четворица обвинети во досегашната постапка немале да постават ниту едно прашање или да приговорат на каков било доказ, укажува дека во овој случај можеби тие се заложници во овој кривично-правен настан или можеби веќе преговарале за исходот на постапката, а со причина првообвинетиот Палевски да биде лицето кое го извршило делото.
На денешното рочиште не сведочеше Гоце Трајковски, иако тоа се очекуваше откако минатата недела тој сам ѝ се предаде на полицијата. Трајковски, кој е еден од клучните сведоци во случајот со грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, а е осомничен за палење на угостителски објект во скопска Кисела Вода, беше во бегство.