На 5 декември минатата година, по барање на Обвинителството, скопскиот кривичен суд му одреди 30-дневен притвор на Љупчо Палевски-Палчо, кој, како што соопштија тогаш од Судот, треба да биде спроведен по неговото лишување од слобода
Откако министерот за правда денеска информира оти Турција ја одобрила екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, од републичкото јавно обвинителство соопштија дека тој ќе оди в притвор веднаш по неговото испорачување во земјава.
Мерката притвор, потсетуваат оттаму, Основниот кривичен суд Скопје веќе му ја одреди на Палевски на барање на скопското јавно обвинителство.
„По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување“,
велат од републичкото јавно обвинителство.
Оттаму дополнително информираат дека постапката за екстрадиција на Палевски ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи (МВР).
На 5 декември минатата година, по барање на Обвинителството, скопскиот кривичен суд му одреди 30-дневен притвор на Љупчо Палевски-Палчо, кој, како што соопштија тогаш од Судот, треба да биде спроведен по неговото лишување од слобода, односно испорачување во земјава од Република Турција.
Палевски беше уапсен вечерта на 5 декември во турскиот град Баликесир, а неколку дена подоцна му беше одреден 40-дневен екстрадициски притвор.