„На обвинетиот му се одзема правото да ги изнесе доказите кои се во негова корист, а ова (барање за) изземање (на претседателот на судечкиот совет) е писмен траг бидејќи овој предмет ќе го читаат и други судови“, кажа, меѓу другото, Палевски на денешното рочиште од судскиот процес за убиствата на Вања и Панче
Љупчо Палевски-Палчо, кој е првообвинет во случајот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, на денешното рочиште повторно побара изземање на судијата Ивица Стефановски, кој претседава со судечкиот совет во предметот.

Пред да го одбие како неоснован ваквиот предлог за негово изземање, судијата Стефановски го ислуша образложението на Палевски и го внесе во записник.
Палевски, кој денеска предлагаше листа на материјални докази, од кои дел судот ги одби со образложение дека веќе биле изведени, во своето излагање се осврна токму на овој момент наведувајќи дека судијата Стефановски бил пристрасен и не му овозможил како обвинет да ја изнесе својата одбрана.
Говорејќи во таа насока, Палевски, меѓу другото, кажа и дека судијата бил уредник на неколку портали на темата „Судење за убиството на Вања“ и оти ги поправал и насочувал обвинителките кои го застапуваат обвинението при изведувањето на доказите и распитот на сведоците.
Рече и оти не се плаши и од доживотна робија, бидејќи, како што наведе, пресудата за него е веќе донесена на прес-конференцијата на шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Со злоупотреба на Законот за кривична постапка е оневозможена минимум одбрана. На обвинетиот му се одзема правото да ги изнесе доказите кои се во негова корист, а ова е изземање е писмен траг бидејќи овој предмет ќе го читаат и други судови. Правото на одбрана е загарантирано право, а не милост на судија и за тоа побарав изземање…Доживотната робија ниту ме плаши ниту влијае на мене. Не се потребни докази во корист на одбраната бидејќи пресудата е веќе донесена, а тоа ми го гарантира однесувањето на претседателот на (судечкиот) совет“,
рече Палевски.
Наведувајќи ги доказите што, според него, му било оневозможено да ги презентира, Палевски рече дека станува збор за вештачења од Судска медицина, вештачења на биолошки траги, како и барање за пронаоѓање на оружјето со кое биле убиени Вања и Панче.
Тој реагираше со забелешки за начинот на кој судот дозволил Обвинителството да ги презентира доказите, за што како што кажа биле потрошени голем број рочишта и биле испитани 20 сведоци кои не кажале ништо.
„Обвинителството незадоволно што нема траги од Палевски во „реното кангу“, прави дополнително вештачење на 20.12 2023, па се најдени четири траги, но не се објасни каде е трагата од обвинетиот и ништо од тоа не беше изложено во доказот, што ја прејудицира пресудата. За предмет за двојно убиство потрошивте пет рочишта за да дојдеме до констатација дека ОЈО заборави да провери поседување на оружје, а судијата го спречи барањето на оружјето“,
рече Палевски.
Тој се наврати и на сведочењето на полицискиот службеник од претходното рочиште, кој кажа дека при претресот на домот на обвинетиот Боре Видевски било одземена дозвола за поседување пиштол, но оти пиштолот на биле најден.
„Барам изземање на судијата кој крие оружје затоа што не му се вклопува во однапред нарачаната пресуда, затоа што таа е донесена на прес конференција на 5.12.2023 година од страна на Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски“,
рече Палевски.
Инаку, првообвинетиот во случајот рочиште на 20 декември лани, побара изземање на судијата Стефановски бидејќи, како што кажа тогаш, одбивал да даде наредба до СВР Велес за прибирање докази кои ѝ се потребни на одбраната на првообвинетиот за постапката. Неговото барање тогаш беше одбиено.
Претходно на денешното рочиште одбраната на Палевски побара во судот физички да биде донесена чаурата најдена во близина на местото каде што е пронајдено телото на 74-годишниот велешанец и со дополнително вештачење да се утврди дали таа евентуално е испукана од пиштолот што со дозвола го поседувал обвинетиот Боре Видевски.
Како што кажа адвокатот Марјан Витановски, кој е дел од тимот бранители на Палевски, во списите на предметот има вештачење на чаурата, но оти тоа се однесува само на нејзиниот калибар. Затоа, како што наведе, бараат во судницата да биде повикано и вештото лице за да се разјаснат, како што кажа, некои работи од вештачењето кое го има изработено.
На денешното рочиште не беше изведена како доказ снимката од Халк банка, со која одбраната на Палевски сака да докаже дека во времето на убиството на Вања тој бил во експозитура на банката во скопски Буњаковец.
Причината за тоа беше што таа сè уште не е обезбедена и доколку судот успее да ја прибави таа ќе биде изведена на некое од следните рочишта.
Одбраната на Палевски не успеа да ја прикаже како доказ ниту снимката која, како што тврди, покажува дека возилото „рено кангу“ било во Скопје, а не во Велес ноќта на 21 кон 22 ноември (денот кога е убиен Панче Жежовски). Адвокатите не успеаја да го отворат цедето со доказот број 193, бидејќи како што наведоа тие не поседуваат софтвер со кој можат да се отвораат мтеријали од системот „Безбеден град“ и побараа тоа да го направи Обвинителството.
Овие материјални докази, како што наведе судијата Стефановски ќе бидат изведени, откако ќе заврши распитот на обвинетите.

Судот закажа термини на 12, 17, 19, 24 и 26 март кога на предлог на одбраните искази пред судот треба да дадат петтемина обвинети за убиствата на Вања и Панче.
Прв треба да биде испитан Велибор Манев, а потоа ќе следуваат исказите на Боре Видевски, Влатко Кешиев, па таткото на Вања, Алекдандар Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Љупчо Палевски.
Со испитувањето на обвинетите судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче влегува во кулминација, од која се очекува да се разјаснат мотивите за убиствата и други детали и околности поврзани со случајот.
Според обвинението, Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.