Потписот на Несторовска и претходно беше злоупотребен за ширење лажни дописи во име на МВР, а истрагата тогаш покажала дека пораките биле испраќани од имејл на унгарска фирма
Повторно се шират лажни покани во име на Министерството за внатрешни работи за наводна истрага за измама во банка. Од МВР апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами.

„До одредени граѓани и правни лица од страна на сторител кој лажно се претставува во име на МВР, односно во име на државниот секретар Магдалена Несторовска, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага за измама во банка. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР презема мерки и активности за законско санкционирање на сторителот. Ги известуваме граѓаните дека Министерството за внатрешни работи не користи електронска пошта за испраќање на покани до граѓани во врска со спроведување на истраги, туку тие покани се испраќаат во хартиена форма, со соодветна процедура. Апелираме до граѓаните воопшто да не ги отворат овие електронски пораки“,
велат од МВР.
Несторовска на својот профил на Фејсбук посочува дека дописот не е потпишан од неа и апелираше граѓаните да не ги отвораат ваквите имејлови.
Потписот на Несторовска и во април годинава беше употребен за ширење лажни дописи во име на МВР.
Тогаш истрагата на МВР утврдила дека лажните пораки биле праќани од имејл на унгарска фирма.