По долги преговори, вечерва падна договор – минималната плата се зголемува на 18 000 денари. Оваа сума ќе се исплаќа како минимална со мартовската плата.
Договорот го постигна Економско-социјалниот совет односно Владата, Сојузот на синдикати и работодавците.

„Среќен сум и задоволен што можам да соопштам дека постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавците. 80 000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18 000 денари. Оваа сума, означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните“,
објави премиерот Димитар Ковачевски.
Во моментов во тек е прес-конференција на премиерот, синдикатите и работодавците во Владата.