„Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата“, му порача министерот за правда на директорот на Управата за извршување санкции
Министерот за правда Игор Филков денеска преку соопштение до медиумите остро го осуди палењето на викенд-куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

„Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата. Правда мора да има и ќе има“,
се вели во реакцијата на министерот.
Смета дека овој случај бара одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најостро ќе се казнат можните сторители.
И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го осудија палењето на викенд-куќата на Пандов оценувајќи го како обид за заплашување и замолчување.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, синоќа на социјалните мрежи објави дека е опожарена неговата викендица во скопското село Орешани во Општина Зелениково. Полицијата потврди дека А.П. (54) од Скопје вчера во 18:45 часот пријавил дека била опожарена неговата викенд-куќа во скопско Орешани.
Пандов изрази сомнеж дека се работи за смислен атак на криминалните групи.