Договорот за прекин на огнот го поздравија и од УНРВА, СЗО и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, од каде се надеваат дека двете страни ќе работат на траен мир

Договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, што вчера го постигнаа Израел и Хамас, наиде на реакции кај лидерите ширум светот кои го поздравуваат и ги повикуваат двете страни да го искористат моментот за да се стави крај на конфликтот и на хуманитарната криза, пренесува „Гардијан“.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, рече дека земјите членки се подготвени да го поддржат спроведувањето на договорот и „да ја зголемат испораката на одржлива хуманитарна помош за безбројните Палестинци кои продолжуваат да страдаат“.
„Беше императив прекинот на огнот да ги отстрани значајните безбедносни и политички пречки за испорака на помош низ Газа“,
додава тој.
Американскиот претседател Џо Бајден вели дека палестинскиот народ „поминал низ пеколот“, додавајќи дека премногу невини луѓе се загинати.
„Уништени се премногу заедници. Според овој договор, жителите на Газа конечно можат да се опорават и обноват“,
вели Бајден.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во објава на платформата Трут сошал рече дека овој епски договор за прекин на огнот можел да се случи само како резултат на неговата „историска“ победа на изборите во ноември.
Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, го опиша договорот како „задоцнета вест што израелскиот и палестинскиот народ очајно ја чекаа“.
Откако хуманитарната помош стигна до оние на кои им е потребна во Газа, додаде Стармер, „нашето внимание мора да се насочи кон тоа како ќе обезбедиме трајно подобра иднина за израелскиот и палестинскиот народ – заснована на решение за две држави што ќе гарантира безбедност и стабилност за Израел. Заедно со суверена и одржлива палестинска држава“.
My statement on the Israel-Hamas ceasefire. pic.twitter.com/eLbgaTr4dP
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) January 15, 2025
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, рече дека договорот повторно ќе ги обедини заложниците со нивните најблиски и ќе овозможи хуманитарна помош во Газа.
„Ова носи надеж во цел регион, каде што луѓето предолго трпеа огромни страдања. Двете страни мора целосно да го спроведат овој договор, како отскочна штица кон трајна стабилност во регионот и дипломатско решавање на конфликтот“,
рече таа.
I warmly welcome the ceasefire and hostage release agreement in Gaza.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) January 15, 2025
Hostages will be reunited with their loved ones and humanitarian aid can reach civilians in Gaza.
This brings hope to an entire region, where people have endured immense suffering for far too long.
Both…
Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази надеж дека договорот „ќе ја отвори вратата за траен крај на војната и за подобрување на лошата хуманитарна ситуација во Газа“. Тој рече дека договорот треба „да се спроведе до буква“ и сите заложници да бидат ослободени.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на политичко решение на конфликтот меѓу Израел и Хамас, по објавувањето на Катар за договор за прекин на огнот во Појасот Газа.
Макрон ја истакна важноста да се обезбеди почитување на прекинот на огнот, нагласувајќи го огромното олеснување за жителите на Газа и надежта за заложниците и нивните семејства по 15 месеци од она што тој го опиша како „неоправдано искушение“, пренесува ДПА.
Француското министерство за надворешни работи во соопштението наведе дека прекинот на огнот мора да се спроведе и да се одржи и мора да доведе до ослободување на сите заложници.
Министерството, исто така, побара итна акција за решавање на хуманитарната криза во Газа и итен почеток на напорите за обнова.
Кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони ја поздрави „важната можност за значително зголемување на хуманитарната помош за цивилното население во Газа“.
„Италија е подготвена да работи со своите европски и меѓународни партнери за стабилизирање и реконструкција на Газа со цел повторно да започне политички процес кон праведен и траен мир на Блискиот Исток, заснован на решението со две држави“,
се вели во реакцијата од кабинетот на Мелони, пренесува „Гардијан“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја поздрави веста велејќи:
„Тоа мора да стави крај на конфликтот, да дозволи ужасната хуманитарна ситуација во Газа да биде завршена и да доведе до ослободување на сите заложници“.
Санчез, исто така, изрази надеж дека прекинот на огнот може да биде „неопходен чекор на патот кон решението за две држави и кон праведен мир кој го почитува меѓународното право“.
Белгискиот премиер Александар Де Кро – кој го критикуваше однесувањето на Израел во конфликтот – вели:
„Чувствуваме огромно олеснување за заложниците, за нивните семејства и за луѓето во Газа. Да се надеваме дека овој прекин на огнот ќе стави крај на борбите и ќе го означи почетокот на одржлив мир“.
Абдел Фатах ал-Сиси, претседателот на Египет, кој одигра клучна улога во преговорите, ги поздрави напорите направени од неговата земја, велејќи дека „секогаш ќе остане верна на својот завет, поддржувач на праведен мир, лојален партнер во негово постигнување и бранител на легитимните права на палестинскиот народ“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој беше гласен критичар на акциите на Израел во Газа, рече:
„Со почит го поздравуваме херојскиот народ и храбрите синови на Газа кои ја бранеа својата земја и слобода од незаконските и нехумани напади на Израел“.
Договорот за прекин на огнот го поздравија и од УНРВА, СЗО и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, од каде се надеваат дека двете страни ќе работат на траен мир.
Филип Лазарини, шефот на УНРВА, палестинската агенција за бегалци на ОН – која Израел се обидува да ја забрани од својата територија – повика на „брз и непречен хуманитарен пристап и снабдување за да се одговори на огромното страдање предизвикано од оваа војна“.
Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, го поздрави договорот велејќи дека мирот е најдобриот лек, но предупреди дека здравствените потреби во Газа остануваат огромни и рече дека организацијата е подготвена да ги зголеми своите напори.
„Премногу животи се изгубени и премногу семејства настрадаа. Се надеваме дека сите страни ќе го почитуваат договорот и ќе работат на траен мир“,
рече тој.
Мирјана Шпољариќ, шеф на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, рече дека се надева оти договорот означува нов почеток, додавајќи дека „наредните денови се критични и сметаме на страните да се држат до нивните обврски“.