Иако истражувањето опишано во оваа студија е потенцијално значајно, презентацијата на податоците покренува неколку проблеми поради што е потребен пристап до оригиналните податоци од целосното истражување, бараат научниците
Група научници предупредуваат дека податоците за руската вакцина против ковид-19 се нецелосни, има недоследности и повторување, што не е својствено во реалноста.
Отвореното писмо на 38 научници е објавено во списанието „Нејчр“, а тоа е реакција на студијата за руската вакцина позната како „Спутник 5“, објавена овој месец во медицинското списание „Лансет“.

Во отворено писмо до руските автори, научниците истакнуваат дека објавените резултати од раната фаза на истражувањето се претставени само во форма на графикони, без специфичните податоци врз кои се базираат тие графикони.
„Иако истражувањето опишано во оваа студија е потенцијално значајно, презентацијата на податоците покренува неколку проблеми поради што е потребен пристап до оригиналните податоци од целосното истражување“,
се вели во писмото.

Со испитувањата во кои се вклучени 76 волонтери, се тестирани две т.н. вирусно-векторски вакцини кои малку се разликуваат една од друга и се базираат на генски конструирани аденовируси за производство на протеини во телото. Резултатите покажале дека вакцината произведува силен имунолошки одговор и дека несаканите ефекти се ограничени на благи, краткотрајни ефекти, како што се иритација на местата на инјектирање или главоболки кај неколкумина.
Нелогичности
Отвореното писмо на својот блог го објави молекуларниот биолог Енрико Бучи, кој раководи со компанијата „Ресис“, во Самоне, Италија. Бучи вели дека забележал нелогичности во студијата објавена во „Лансет“. Една од нив, на пример е, графиконот во кој авторите ги прикажуваат мерењата на еден вид имунолошки клетки во крвта, при што многу членови на две групи од девет волонтери, тестирани со различни количини на вакцината, имаат исти нивоа.
„Шансите за вакво нешто, во природни услови, дури и да се работи за случајност, се исклучително мали“,
тврди Бучи.
И друг потписник на отвореното писмо, Константин Андреев, кој студира вирусни респираторни инфекции на Универзитетот „Нортвестерн“ во Еванстон, Илиноис, смета дека таква сличност на податоци помеѓу неповрзани мерења навистина не е веројатна.
Бучи во објаснувањето на реакцијата на научниците истакнува дека тие не велат дека истражувањата не се вистинити, туку само бараат појаснување за тоа како е дојдено до вакви поклопувања на податоците.
„Кога ги прочитавме извештаите дека Русија започнала да инјектира вакцина на луѓе надвор од клиничките испитувања, сметавме дека треба да реагираме“,
додава тој.
И епидемиологот Мајкл Фаворов, претседател на „Диапреп системс“, американска компанија за дијагностика од Атланта, Џорџија, предупредува на презентацијата на податоците поради кои се појавил сомнежот.
„Можеби податоците се добри, но ние не можеме да процениме“,
вели Фаворов додавајќи дека невообичаено е да се објави извештај без основните податоци.
Тој посочува на примерот кога се објавени клиничките студии за потенцијалната вакцина за коронавирусот на фармацевтската компанија „Астра зенека“ и Универзитетот во Оксфорд во истото списание, при што тие беа придружени со многу дополнителни податоци што другите истражувачи можеле да ги анализираат.
Денис Логунов од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија во Москва, „Гамалеја“, за рускиот медиум „Медуза“, изјавил дека нема намера да одговори на отвореното писмо.
Тој негира дека имало грешки во публикацијата и изјави дека измерените нивоа на антитела се „точно онакви како што се презентирани“ на графиконите. Рекол дека е во контакт со „Лансет“ и дека е подготвен да ги разјасни сите прашања.
Одговорните во „Лансет“, пак, одбиле да ја коментираат својата политика за обезбедување податоци за поддршка на клиничките испитувања што ги објавуваат. Во соопштението тврдат дека ги повикале авторите на руската студија да одговорат на прашањата покренати во отвореното писмо од Енрико Бучи и дека ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата.
Сомнежи од моментот на одобрување
Во август руските власти ја одобрија вакцината наречена „Спутник 5“ за широко распространета употреба и соопштија дека може да ѝ биде достапна на пошироката јавност за неколку месеци.
Клиничките испитувања на следната фаза на вакцината, во кои ќе бидат вклучени десетици илјади луѓе, започнаа на 26 август.
Од околу 170 потенцијални вакцини во светот на кои се работи во моментов, руската се смета за водечка во оваа „трка“.
Брзото одобрување предизвика загриженост кај истражувачите, кои тврдат дека одлуката за масовно користење на вакцината пред да бидат завршени поголемите испитувања за безбедност и ефикасност, е ризична.