Идните тимови и листи, рече тој, ќе се креираат врз основа на анкети, анализи, кредибилитет, искуство и личен рејтинг кај граѓаните, при што простор ќе им се даде и на млади луѓе со визија

Вратите во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) се отворени за сите сегашни и поранешни функционери, но и за независни активисти и интелектуалци, изјави лидерот на партијата Венко Филипче, отфрлајќи ги критиките за внатрешни поделби.
Тој нагласи дека партијата се оградува од елитизмот и заткулисните разговори.
Филипче истакна дека не поддржува „седенки во кафеани на карирани чаршафи“, оценувајќи дека таквиот пристап создава сомнеж и немир кај членството.
„Таквите политики во минатото сме виделе дека не донеле ништо добро, нема да донесат ни сега. Придонесуваат кон поделба и немир кај членството и кај симпатизерите затоа што тоа укажува на истиот пристап како што Христијан Мицковски го имаше за време на Илинден, само поделба на граѓаните. Тоа на нас не ни треба, а вратите во партијата се отворени за сите“,
рече Филипче.
На прашањето колку од актуелните пратеници би се нашле на добитни места при евентуални нови избори, претседателот на СДСМ одговори дека тоа нема да зависи од неговиот избор, ниту од нечија, како што рече, патолошка лојалност.
„За мене сите луѓе партиски другари се еднакви без разлика дали биле во минатото, сега, или во иднина треба да бидат во дел од тимовите. Сметам дека искусни, добри познавачи на работите, луѓе со кредибилитет и коишто имаат легитимитет да презентираат политики, коишто се добри познавачи на работите, коишто имаат желба, визија понатаму, млади луѓе коишто веќе се вклучуваат, а во тимот и врз основа пред се на личниот рејтинг ќе бидат во тие тимови“,
одговори лидерот на СДСМ.
Идните тимови и листи, рече тој, ќе се креираат врз основа на анкети, анализи, кредибилитет, искуство и личен рејтинг кај граѓаните, при што простор ќе им се даде и на млади луѓе со визија.
Лидерот на опозициската партија заклучи дека не станува збор само за иднината на СДСМ, туку за иднината на Македонија.
„Со вакви политики ова не води никаде. А јас не сум оптеретен дали некој бил сегашен актуелен пратеник, порано и понатаму. Не, тоа за мене апсолутно не е критериум којшто ќе ја одредува политичката иднина“,
кажа Филипче.
Инаку, на 1 јули годинава, под името „Разговори за иднината во 12:05“, беше промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава. На средбата биле собрани учесници поделени во три неформални групи на општествени чинители: влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле партиски членови, гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.
Два дена подоцна лидерот на СДСМ, рече дека органите и телата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе дискутираат за учеството на пратеничка на партијата во Собранието на настанот под името „Разговори за иднината во 12:05“.
