По министерот за правда, денеска и министерот за локална самоуправа информира дека се подготвуваат измени на моделот за избор на советници, веројатно како „увертира“ за промена и на изборниот модел за пратеници
Новите советници во општините во државата, кои ќе се избираат на локалните избори в година, веројатно ќе бидат кандидирани на т.н. отворени листи, при што гласачите, освен партија, ќе може да заокружат и кандидат/и од листата што ќе ја изберат.
По министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски информира дека се подготвуваат измени на моделот за избор на советници.
Нешто важно што го правиме со Министерството за правда, рече Милевски на прес-конференција, е отворени листи за избор на советници, со што ќе дадеме уште еден стимул кон поголема отчетност и контрола на граѓаните.
„Така, ќе овозможиме избор на советници кои ќе бидат од граѓаните и ќе работат за граѓаните. Очекуваме сите овие процеси да се одвиваат во текот на следната година и се надевам дека на тој начин ќе биде потврден новиот мандат на советниците во 2021 година, кои, практично, со буџетот од 2022 година ќе почнат да го работат со новите ингеренции“,
рече Милевски зборувајќи и за процесот на децентрализација на општините.
Маричиќ изјави неодамна дека отворените советнички листи на следните локални избори ќе бидат чекор напред кон реализирање на заложбите за промена на изборниот модел и воведување една изборна единица за парламентарни избори.
Според ВМРО-ДПМНЕ, предлозите за една изборна единица и за отворени листи и на парламентарни избори може да претставуваат солидна основа за понатамошни разговори за промена на изборниот модел.
Во однос на децентрализацијата, пак, Милевски на денешната прес-конференција, рече дека не зависи само од неговиот ресор бидејќи, како што посочи, не се работи само за еден закон, така што, според него, тоа е политичка одлука на Владата. Милевски потенцираше дека сето она што планираат да го направат околу децентрализацијата би требало да заврши до локалните избори, за да може новиот состав на локалната власт да функционира со зголемени ингеренции. Додаде дека имплементацијата на законот за децентрализација би значела повеќе пари за општините од ДДВ и од персоналниот доход.
Според Милевски, дополнителните локални избори за градоначалник на Штип би требало да се одржат кон средината на декември, односно на 13 декември, така што евентуалниот втор круг би бил на 27 декември, а откако Благоја Бочварски е избран за министер за транспорт и врски. Во истите рокови би требало да се одржат и избори за нов градоначалник на Пласница за остатокот од мандатот (помалку од една година), откако Исмаил Јаховски стана пратеник.
„Согласно со законските рокови, ја информиравме Владата и дадовме предлог-одлука за констатирање престанок на мандатот на Бочварски. Владата го разгледала нашето барање и ја прифати одлуката, така што претпоставувам дека таа денеска ќе стигне кај претседателот на парламентот, кој треба да распише избори“.
објасни Милевски.
Тој апелира ДИК да утврди дали има законска можност дополнителните избори за градоначалници да се одржат според скратени рокови.
„Сметаме дека ДИК треба да го препрочита законот и ако најде некоја најмала можност, како што имаме вонредни парламентарни и претседателски избори, да го направи тоа по скратени рокови, за да не мораат граѓаните да гласаат пред Нова година, во тој зимски период“,
рече Милевски.